Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче вчера учествуваше на панел дискусија на тема „Органодарителство – состојба и предизвици“, во организација на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска. Целта на панел дискусијата е подигнување на јавната свест за дарување на органи и развој на трансплантацијата во нашата држава. Покрај претседателот и првата дама присуствуваше и Националниот координатор за трансплнатација на органи и ткива доц. д-р Маја Мојсова Мијовска, како и координаторите за трансплантација на сите тимови.
Министерот Филипче истакна дека трансплантацијата е сфера која секогаш носи предизвици, бидејќи се изведува со мултисекторски и мултидисциплинарен пристап, а подигнувањето на јавната свест за органодонорство е можна само преку отворен пристап, преку споделување на информации, како и со споделување на успешните приказни. „Трансплантацијата е зрак на надеж не само за пациентите, туку и за семејствата на пациентите, за нивните пријатели, но и за општеството“, рече министерот Филипче.
Според д-р Маја Мојсова Мијовска, Национален координатор за трансплантација, органодарителството е општо прифатена и успешна метода на лечење, што го продолжува животот, го подобрува неговиот квалитет и е економски исплатлива, бидејќи, како што нагласи, чини многу помалку од сите други методи на одржување во живот на пациентите.
Во своето обраќање пред присутните, сопругата на претседателот д-р Ѓоргиевска истакна дека во исклучително тешки услови, кога фокусот на македонскиот здравствен систем е насочен во борбата со пандемијата на КОВИД-19, во нашата земја годинава за првпат беше изведена трансплатација на срце, a се извршија и десет трансплантации на бубрези. „Се разбира, предизвиците што доаѓаат со органодарителството и со трансплантацијата се навистина огромни, дури и за системи коишто се далеку посовршени од нашето здравство, но знаењето, подготвеноста, капацитетите и, пред се, она што е најважно, ентузијазмот на сите оние коишто се вклучени во самиот процес, верувам дека и понатаму ќе резултираат со успех“, рече Ѓоргиевска. На настанот, на кој присуствуваше претседателот Стево Пендаровски и студенти, членови на Македонската медицинска студентска асоцијација и Здружението на студенти по медицина, меѓу говорниците беше Маре Кежароска, којашто пред две години заедно со својот брат, дала согласност да бидат донирани двата бубрези на нивната починатата мајка. „Тешко е сознанието дека за твојот близок повеќе нема никаква надеж. Одлуката да донираш орган од твој близок, за којшто повеќе нема спас, воопшто не е тешка, затоа што знаете дека со сето тоа вие на некој му подарувате шанса за живот“, рече Кежароска. Васил Огњановски, син на Иван Огњановски, на кого му беше трансплантирано срце во мај, на панел дискусијата истакна дека свеста за органодарителството треба да биде на повисоко ниво и повеќе да не претставува табу тема. Како што рече Огњановски, очекува што повеќе луѓе да го следат хуманиот гест на семејството на починатата Емилија Динева. „Можам да кажам дека семејството Диневи не го чувствувам како семејство кое донирало орган, туку чувствувам како јас да сум роден во тоа семејство. Комуницираме речиси секој ден. Имав можност летото да го поминам кај нив. Тоа беше момент преполн со емоции на тага и на среќа. Немам зборови како да го опишам тоа. Благодарен сум на Господ што ми даде шанса да имам уште еден брат, уште една сестра, а можам да кажам дека и нивниот татко го чувствувам како свој втор татко“, рече Огњановски. На панел-дискусијата, д-р Сашо Дохчев, шеф на тимот за трансплантација на Клиниката за Урологија посочи на потребата за поддршка од Владата, Министерството за здравство, Фондот за здравство, но и од невладиниот сектор и медиумите за да се нагласи значењето на органодарителството и да се покрене свеста кај луѓето.
