Муцунски во Вашингтон на покана на Марко Рубио – Конференција посветена на подемот на политичкиот тероризам

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На покана на државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во Вашингтон учествуваше на министерска конференција посветена на заканите од подемот на политичкиот тероризам.

На конференцијата, високи претставници од повеќе од шеесет држави разговараа за унапредување на меѓународната соработка и институционалната подготвеност за справување со современите форми на политички мотивирано насилство и тероризам.

„Кога насилството се користи за замолчување на политичкиот говор, заплашување избрани функционери и граѓани, напади врз органите на прогонот или влијание врз демократските процеси, тогаш повеќе не станува збор за вообичаено политичко несогласување, туку за организирано политичко насилство, а во неговите најтешки облици и за тероризам“, рече Муцунски.

Осврнувајќи се на регионалниот контекст, Муцунски посочи дека оваа закана има сериозна димензија и за Западниот Балкан како стратешки чувствителен регион.

Марко Рубио ја отвори конференцијата со широки оценки за ова прашање, нагласувајќи дека САД и поголемиот дел од светот во изминатите неколку децении биле фокусирани само на т.н исламски тероризам.

„Предолго време нашата доктрина за борба против тероризмот имаше една слепа точка – кога станува збор за екстремистичкото насилство што доаѓа од политичката левица. Дури и денес, самата идеја дека крајнолевичарскиот тероризам може да претставува сериозна закана се третира како заблуда на десницата, или уште полошо, како опасна фашистичка теорија на заговор. Така на тоа гледаат многумина во медиумите, многумина во академската заедница и на универзитетите, како и бројни претставници на нашите традиционални институции.“, рече Рубио.

Инаку, на маргините на конференцијата, министерот Муцунски остварил и работна средба со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саар. На средбата била потврдена билатералната соработка меѓу двете земји.