Поранешниот министер здравство и носител на кандидатската листа од СДСМ во четвртата изборна единица Венко Филипче ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека ја блокирала изградбата на новиот Клинички центар поднесувајќи околу илјада амандмани. Тој ова го изјави во емисијата Клик плус на ТВ21 додавајќи дека притоа имал средби со опозициските пратеници барајќи од нив да не го попречуваат овој значаен проект, но, вели дека во тоа не успеал.
„Навистина жалам што тој проект и тој специјален закон кој што требаше да се донесе за изградба на Клиничкиот центар ВМРО-ДПМНЕ го блокираше со некаде 1.000, ми се чини, амандмани и со неносењето на тој закон проектот не можеше да продолжи. Лично разговарав со нивни претставници, ги молев да најдеме заеднички јазик“, порача Венко Филипче.
Околу обвинувањата пласирани од ВМРО-ДПМНЕ за случаи како што се пожарот во тетовската болница и со Ковид кризата Филипче ги отфрла и вели дека тие креираат лажни афери.
„Нема никаква вистина во сето тоа што се пласира меѓутоа тоа што ме загрижува но морам да бидам искрен не ме изненадува е тоа што истиот терк на однесување од страна на ВМРО-ДПМНЕ се провлекува сите овие години. Да креираат афери, да пласираат невистини и лажни вести. Сметам дека тие се махери да играат такви улоги ако сме ние доле во калта и затоа не сакаат да ги започнеме преговорите со Европската унија. Можам слободно да кажам ВМРО-ДПМНЕ ги каже граѓаните“, вели Венко Филипче.
Од друга страна пак Владо Мисајловски носител на втората изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ вели дека има подобро решение за Европската унија иако албанските политички партии велат дека единствен услов за формирање Влада се уставните измени.
„Зарем тие сакаат ни не сакаме? Што е поразлично? Јас исто така сакам, еве ви кажувам за мене не постои друг пат, но не по цена на ултиматум. Не. Ако македонските граѓани велат дека се против вакво решение ние треба да седнеме да видиме што плус. Мислам дека и албанската опозиција, но и останатите не се против такво нешто. Велат, да, седнете разговарајте ако може нешто плус и тоа е мислам дека е позитивно и за подобар соживот и тоа е позитивно“, вели Владо Мисајловски.
-Оптимист сте дека може да се најде решение?
„Да. Оптимист сум. Мислам дека, треба само волја“.
На прашањето дали ако ВМРО-ДПМНЕ не успее да формира Влада, раководството на партијата ќе се повлече, Мисајловски не очекува такво нешто, ниту за парламентарните ниту за претседателските избори.
„Нема тоа да се случи. Нема да се случи, ВМРО-ДПМНЕ со сигурност, еве ви кажувам со сигурност ќе ја предводи новата Влада, мислам дека секој еден во Република Македонија го знае тоа еве јас директно ви кажувам со сигурност новата Влада ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ а премиер ќе биде Христијан Мицкоски. Лично мое мислење е дека Гордана ќе води со околу 100.000 разлика во првиот круг, нашата кандидатка, нашата професорка. Сега дали Пендаровски ќе влезе во вториот круг, очекување е да влезе“, вели Владо Мисајловски.
Партиите вчера официјално ја започнаа кампањата за парламентарните избори кои ќе се случат на 8 мај заедно со вториот круг на претседателските.
