Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека се обидува да ѝ ја фактурира на Европската Унија одговорноста за неспроведувањето на реформите. Филипче рече дека изјавите на министерот Тимчо Муцунски во Брисел се класична политичка манипулација, зборувајќи едно пред граѓаните на Македонија, а друго во Брисел.
„Муцунски грмеше во Брисел, Тимчо. Тоа веќе звучи смешно само по себе. Но она што воопшто не е смешно е што криминалната група на ВМРО преку нивните медиуми, сега внимавајте, го обвинува Европскиот сојуз дека не се спроведуваат реформите кај нас. Повторувам што објавија, Тимчо Муцунски, министер на криминалната група ВМРО, и во име на шефот на бандата Христијан Мицкоски, грмеше во Брисел и ја обвини ЕУ дека таа е виновна што ние не ги спроведуваме реформите како услов за продолжување на преговорите.“, изјави Филипче.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче дека „работат повеќе за Бугарија отколку за Македонија“.
Валентин Манасиевски рече дека СДСМ нема поддршка од граѓаните и шири медиумски хаос без ништо конкретно да понуди. Тој додаде дека тврдењето на СДСМ дека уставните измени се последниот чекор кон ЕУ е невистинито.
„СДСМ и Филипче свесно ширеа хаос во медиумскиот простор, бидејќи се изгубени и немаат што да им понудат на граѓаните, освен лаги, клевети и манипулации. СДСМ и Филипче велат дека уставните измени се последниот чекор кон членството во Европската Унија, додека бугарскиот премиер Румен Радев во јавните настапи најавува дека по уставните измени има дополнителни барања од Бугарија. Дека уставните измени се последната пречка за Македонија, веруваат само Венко Филипче и приврзаниците на Зоран Заев.“, изјави Манасиевски.
Инаку, патот на Македонија кон ЕУ е блокиран поради уставните измени кои не се прават, а кои се услов за да се продолжи понатаму. СДСМ, ДУИ и ВЛЕН се за тоа да се изгласаат уставните измени, но без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ не може да се постигне потребното двотретинско мнозинство.
