Судскиот совет треба да биде независно тело кое ќе се раководи од индивидуална одговорност на членовите на ова тело, изјави во најновото интервју министерот за правда Игор Филков, отворајќи ја повторно тема на распуштањето на Судскиот совет, па и на Советот на јавни обвинители, од која идеја, како што истакнува и премиерот Христијан Мицкоски нема да отстапи. Министерот Филков додава дека независноста треба да произлезе од самите судии и обвинители.
„Само со коренити реформи можеме да создадеме судство според мерка на правото и законите, се помалку од тоа би било декларативна заложба или политички популизам. Затоа, иницираме постигнување независност која што ќе произлезе токму од самите судии и обвинители, тие да ги изберат членовите и да ја понесат моралната, професионална и правна одговорност во тој избор. Сметам дека индивидуалната одговорност ќе има многу поголем ефект од колективната“, вели Игор Филков..
Премиерот Мицкоски неодамна повторно рече дека не отстапува од ставот дека треба да има распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, иако не само домашната јавност туку и меѓународните претставници укажуваат дека тоа е мешање во судската власт, по што Мицкоски остави можност, самите институции да достават предлози за решавање на состојбите. Во Владата се уште ги чекаат предлозите за реформи во судството, а министерот Филков вели дека очекува тоа да се случи во наредниов период по што ќе има средба и со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.
„Се бараат реформи кои посебно се однесуваат на работата на судскиот совет, нешто што и ние го увидовме при евалуацијата и зголемувањето на транспарентноста на дисциплинските постапки. Дел од овие реформи се веќе планирани и што од сето тоа ќе биде спроведено, ќе зависи од анализата на функционалноста како систем. Официјална средба со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева не е направена, но се надевам дека во периодот кој следи ќе се најде време за дијалог“, вели Игор Филков.
И во самиот Закон за Судски совет во членот 34 е предвидено разрешување од функцијата на член на Судски совет и тоа, ако повредата е сторена со намера или очигледна небрежност, без оправдани причини и во тие случаи, повредата предизвикала тешки последици, се наведува во законот.
