Финансиската полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Скопје против две лица и една компанија, под сомнение дека го сториле кривичното дело „Даночно затајување“.
Според надлежните органи, фактичкиот сопственик на компанијата, турски државјанин со иницијали Н.О., во периодот од 2016 до 2021 година ја променил сопственоста и управувањето со компанијата, при што Е.М. бил регистриран како нов сопственик и управител. Се сомнева дека тоа било направено со цел да се избегнат даночните обврски и противправно да се присвои трговската стока на компанијата. Истрагата покажала дека компанијата не ги поднела завршните сметки за 2022, 2023, 2024 и 2025 година, додека стока во вредност од над 32 милиони денари била противправно присвоена. Исто така, не биле пресметани и платени данокот на додадена вредност (ДДВ), персоналниот данок на доход и данокот на добивка, а не биле пријавени ниту застарените обврски кон добавувачите.
Според Финансиската полиција, со овие дејствија Буџетот на Република Северна Македонија е оштетен за повеќе од 12,6 милиони денари, а случајот веќе е во постапка пред Основното јавно обвинителство.
