Вашингтон отсекогаш бил опседнат со моќта, но ретко кога со модата. Сепак, една фотографија од Светскиот економски форум во Давос откри необичен детаљ – највлијателните луѓе во САД, од Марко Рубио до Скот Бесент, носат идентични црни чевли. Станува збор за класични „оксфордици“ од брендот Florsheim, кои станаа неофицијален симбол на припадност во кругот на Доналд Трамп.
Иако некои од соработниците на Трамп се мултимилионери навикнати на луксуз, тие сега чекорат во обувки кои чинат околу 145 долари. Како што пренесуваат The Wall Street Journal и El Pais, Трамп има навика масовно да ги купува овие чевли и да ги подарува на своите соработници.
На списокот се државниот секретар Марко Рубио, Хауард Лутник, Крис Рајт, па дури и медиумскиот коментатор Такер Карлсон.
Извори од Белата куќа велат дека носењето на овие чевли е прашање на опстанок – никој не сака да ризикува да му замери на претседателот со тоа што нема да ги носи неговите омилени чевли.
Трамп честопати ги проценува броевите „од око“, а некои од кутиите што се наоѓаат во неговата резиденција се лично потпишани од него.
Зад оваа модна опсесија се крие сериозен правен и економски судир. Иако претседателот е нивниот „главен продавач“, матичната компанија на Florsheim, Weyco, е во директен конфликт со неговата администрација.
- Тужба против владата: Команијата поднесе тужба до Американскиот суд за меѓународна трговија, оспорувајќи ги царините на Трамп.
- Економска штета: Поради трговската политика на Белата куќа, компанијата претрпела штета од 16 милиони долари, што ги принудило да ги зголемат цените на производите за 10%.
- Берзански скок: Иронично, по веста за популарноста на чевлите меѓу политичката елита, акциите на Weyco пораснаа за 6,42%.
Додека раководството на компанијата ја обвинува Белата куќа за „самоволно наметнување царини без предупредување“, Трамп продолжува да ги промовира нивните производи како свој заштитен знак. На крајот, дури и самиот претседател плаќа 10% повисока цена за својата омилена обувка – директна последица на сопствената економска политика.
