Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при посетата на Литванија, кажа дека балтичките држави „доживуваат нешто што многумина веруваа дека припаѓа на друга ера“.
„Предупредувања за воздушен напад, семејства кои се засолнуваат, училишта се затвораат, транспортот е прекинат. Ова е реалноста на источната граница на Европа во 2026 година. Денес е тука. Утре ќе биде на друго место по должината на источната граница.“, рече Фон дер Лајен.
Таа предупреди дека сето ова е „намерна стратегија од Русија“, која се обидува да ја дестабилизира Европа.
Фон дер Лајен вели дека ЕУ „мора да биде јасна“ и дека „ова не се изолирани инциденти, туку намерна стратегија од Русија што се обидува да ги дестабилизира нашите демократски општества“.
„Европа е во целосна солидарност и единство со Естонија, Летонија и Литванија, бидејќи кога балтичките држави се на тест, на тест е и цела Европа во целина“, изјави Фон дер Лајен.
Таа вели дека ЕУ инвестира повеќе во подготвеност и неопходни одбранбени проекти.
Неколку европски држави, меѓу кои и Холандија и Германија ги повикаа руските амбасадори на разговори по новите закани и жестоките напади на Киев.
