Претседателот Стево Пендаровски е прв гостин на новиот хрватски претседател Зоран Милановиќ, кој беше избран пред една година, но поради корона вирусот тој немал официјални средби.
Пендаровски со воени почести и интонирање на химните на двете држави беше пречекан во Вилата на Милановиќ, а потоа следуваше и заедничко „фемили фото“ пред стартот на тет-а-тет средбата, на која пак една од темите на која треба да се разговара е и патот на Македонија кон ЕУ.
Пендаровски денеска ќе има средби и со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ и со претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ.
Утре, на вториот ден од посетата, претседателот Пендаровски ќе се обрати на билатералната деловна средба – со фокус на инвестиции, што се организира во соработка со Хрватската трговска комора, а на која ќе присуствува и македонска бизнис делегација.
За време на официјалната посета на Хрватска, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска.
Посетата на Пендаровски на Загреб беше договорена на неговата средба со Милановиќ, во рамки на самитот на Процесот Брдо-Бриони, во Брдо кај Крањ, во мај годинава.
