Мониторингот на Центарот за европски стратегии „ЕвроТинк“ покажа дека е одложен рокот за ставање во употреба на спортската сала во Основното училиште „Кузман Јосифовски Питу“ во Општина Кисела Вода.
Салата, ветена за време на локалните избори, е инвестиција од 32 милиони денари од државниот буџет. Иако на 31 март беше соопштено дека целосниот капацитет од 650 м² е планиран да биде завршен до 1 септември, последните информации покажуваат дека оваа сала ќе биде ставена во употреба на крајот на годината.
„Во моментов се наоѓаме пред спортската сала ‘Кузман Јосифовски Питу’, која е во процес на реализација. Според последните информации од Општина Кисела Вода и по разговорот за време на средбата со градоначалничката, проектот досега е реализиран 80%. Јавните набавки и финансиите се обезбедени преку Министерството за образование и наука, а целата документација и потребните информации се обезбедени преку пристапот до информации од јавен карактер од општината и министерството“, вели Матеа Карговска од „ЕвроТинк“.
И од Општина Кисела Вода очекуваат салата наскоро да биде отворена. Според нив, нејзиното реновирање е проект што го реализира Министерството за образование и наука, додека општината не била вклучена во набавките за реновирање на спортската сала. Сепак, се очекува таа да биде отворена до крајот на годината.
„Изградбата на спортската сала во Основното училиште ‘Кузман Јосифовски Питу’ не е во надлежност на Секторот за комунални работи, инфраструктура, сообраќај и заштита на животната средина. Овој проект го реализира и финансира Министерството за образование и наука. Секторот за јавни набавки и општи работи нема спроведено ниту една постапка за јавна набавка за овој проект“, велат од општина Кисела Вода.
Со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи (IFES), „ЕвроТинк“ е една од организациите што следат неколку проекти на локалната самоуправа низ целата земја, ветени од избраните претставници на граѓаните. Според официјалните податоци, ова училиште со околу 637 ученици и претходно имало спортска сала, која со целосното реновирање добива нов и модерен изглед.
—
Следењето на спроведувањето на изборните ветувања и мерките на локалната власт е активност што се реализира во рамките на швајцарскиот проект „Програма за поддршка на изборите“, спроведен од Меѓународната фондација за изборни системи – IFES. Сепак, содржината и ставовите изразени овде на ниту еден начин не ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија или на IFES.
