Фотографија од средбата меѓу Зеленски и Трамп во базиликата „Свети Петар“ пред погребот на папата Франциск

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со својот американски колега Доналд Трамп во италијанската престолнина, каде што двајцата присуствуваа на погребот на папата Франциск, изјави портпаролот на Зеленски, а Белата куќа рече дека разговорот бил „многу продуктивен“.

„Претседателите се сретнаа во базиликата „Свети Петар“, а состанокот траеше околу 15 минути“, соопшти кабинетот на Зеленски. „Лидерите се согласија да продолжат со разговорите денес. Тимовите работат на организирање продолжение на состанокот“.

Средбата се случи во критичен момент во преговорите за прекин на конфликтот меѓу Украина и Русија.

Трамп, кој врши притисок врз двете страни да се согласат на прекин на огнот, во петокот изјави дека разговорите меѓу неговиот претставник и руското раководство биле продуктивни и повика на состанок на високо ниво меѓу Киев и Москва за финализирање на договор.

Трамп претходно ги предупреди двете страни дека неговата администрација ќе се откаже од своите напори за постигнување мир доколку завојуваните држави не се согласат на договор наскоро. Средбата во Рим е прва средба лице в лице меѓу Трамп и Зеленски по нивната расправија во Овалната соба во февруари.

По тој состанок, САД ја прекинаа разузнавачката соработка со Украина, клучна за нејзините напори да ги одврати руските напади, но подоцна беше обновена.