Фракции и нови движења во политичката сцена. Огнената група официјално објави дека ќе функционира како фракција во рамките на ДУИ. Од друга страна, Максим Димитриевски од СДСМ најави дека во септември или октомври ќе го промовира неговиот нов политички субјект граѓанското движење „За нашите граѓани“. Вакво нешто во емисијата „10 минути“ на ТВ21 пред неколку дена најави и поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров.
Но, како овие движења ќе се одразат врз гласачкото тело.
Според аналитичарот Бесим Небиу, ситуацијата меѓу СДСМ и ДУИ е поинаква. Објаснува дека електоратот на СДСМ своето незадоволство го изрази на локалните избори во 2021 година кога оваа партија изгуби значителен број општини. Според него, новите политички субјекти кои произлегуваат од оваа партија уште повеќе ги делат гласовите, а како резултат на тоа СДСМ може да стане многу слаба.
„Новите партии кои произлегуваат од разни структури и сегменти поврзани со СДСМ би ги анализирал од оваа поле – значи гласови на тие кои се гласачко тело или таргет гласачи на СДСМ и кои се незадоволни од владеењето на СДСМ. Двата господа, и Димитров и Димитриевски се поранешни експоненти на политиките на Социјалдемократскиот сојуз. Значи тоа претставува опасност за гласачкото салдо на СДСМ“, вели Небиу.
Според Небиу, состојбата со гласачкото тело на ДУИ е поинаква. Според него во ДУИ сега има борба за преживување, кој ќе го присвои гласачкото тело, формалната структура или фракцијата на ДУИ, позната како Огнена група.
„Секако дека тоа ќе влијае на биланс на електоратот на ДУИ, имајќи го предвид фактот дека фракцијата има релативно значајна поддршка, колку е голема таа поддршка секако засега можат да покажат анкетите, а потоа и изборите кога ќе се одржат.“, изјави Небиу.
Аналитичарот Бесим Небиу очекува промени во политичката сцена по следните парламентарни избори.
„Верувам дека ќе има рекомпонирање, партиско рекомпонирање и според мене во албанскиот политички блок ќе се создадат повеќе партии, нема да доминира една партија како што беше во последните 20 години, особено ако фракцијата на ДУИ успее да се консолидира и да преземе голем дел од политичкиот товар и да имаме мултиполарна ситуација“, рече Небиу.
Небиу очекува СДСМ да создаде предизборна коалиција со албанските партии бидејќи тоа е неопходно за да опстане во политичката сцена. Редовните парламентарни избори се очекува да се одржат во 2024, иако македонската опозиција инсистира за предвремени парламентарни избори.
