По летната пауза, пратениците се враќаат во Собранието со набиена агенда, но и со прашања околу Бадентер. Претседателот на Собранието Африм Гаши најави најмалку четири седници до крајот на месецот, додека првите две се закажани за 2 и 11 септември. Во фокус остануваат законите за кои е потребно мнозинство според Бадентер, меѓу кои и оние за правична и соодветна застапеност, високото образование и локалната самоуправа. Гаши вели дека законите ќе бидат ставени на гласање, но резултатот останува неизвесен поради процедуралната блокада на ДУИ. Блокадата во Собранието Гаши повеќе ја гледа како политички отколку како процедурален проблем и вели дека решението треба да се бара преку дијалог меѓу политичките чинители.
„Ова прашање има повеќе политичка отколку процедурална димензија. Во својство на претседател на Собранието, се обидувам да ги преземам сите мерки. Во контакт сум со сите пратенички групи. Се обидуваме да најдеме решение. Ако прашањето влезе во политичката сфера, тогаш се разговара на друго политичко ниво. Се согласувам дека ова прашање треба да се реши, но им го оставам на политичките чинители да го решат.“, вели Африм Гаши.
Но, дали блокадата ќе го одведе Собранието кон избори? Гаши вели: не толку лесно, нагласувајќи дека за распуштање на Собранието се потребни 61 глас. Тој ги поддржува редовните избори и најавува дека нема да дозволи злоупотребата на Деловникот да се претвори во причина за предвремени избори. Сепак, ја остава отворена можноста за политичка одлука на друго ниво.
„Не треба една злоупотреба на Деловникот на Собранието да предизвика предвремени избори, но ова е политичка одлука и за тоа може да се одлучува и на друго ниво.“, рече Африм Гаши.
За уставните измени, Гаши вели дека во моментов нема нови случувања, но Собранието е подготвено да постапи доколку се донесе одлука за нив. Гаши информираше дека наскоро во Собранието се очекува да пристигне законско решение поврзано со барањето правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик.
Во меѓувреме, работата околу Собранието ќе биде проследена со ограничувања, бидејќи во наредните месеци ќе има градежни работи за изградба на паркинг за пратениците и вработените.
