Претседателот на Собранието, Африм Гаши се обрати на регионалниот форум „Од политка до импакт“.
„Ми претставува посебна чест да бидам дел од овој форум, каде што идеите и одлуките не остануваат во рамките на кабинетите, туку навлегуваат во вистински промени во нашите земји. Прашањето за јавниот интегритет, особено на маргините на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, не е само техничка тема, туку тест за нашата демократска зрелост и нашата европска амбиција.
Во нашиот регион, предизвикот на доброто владение не е поврзан со недостаток на знаење, туку со фундаментално прашање: дали институциите имаат карактер и храброст да се соочат со предизвиците на демократската ера?
Сите ние во оваа просторија знаеме дека корупцијата не е само правна девијација, туку морална и институционална маана што го лишува општеството од можноста за доверба, за напредок и за консолидација. Корупцијата е најпрепознатливиот симптом на сериозна болест: недостатокот на интегритет. А институционалниот интегритет се мери според начинот на кој функционира државата, како се поставуваат приоритетите и како се градат односите меѓу политиката и граѓаните. Затоа, денес не дискутираме само за корупцијата како прекршок, туку за интегритетот како водечки принцип.
Иако секој има обврска во оваа борба, Собранието не може да биде само гледач. Тоа има должност да ја насочи државата кон вредностите на чесноста. Затоа, како што неколку пати нагласив, моите принципи во овој мандат се директно поврзани со мисијата како да го вратиме Собранието кон граѓанинот и кон моралниот стандард што тој го очекува од нас. Поради тоа, воспоставивме нов пристап, базиран на транспарентност, отчетност и политичка култура. Чекор по чекор, градиме процеси што ја водат институцијата кон дигитализација, кон поискрен политички дијалог и кон посилни механизми за надзор. И во оваа филозофија на парламентарно лидерство, еден принцип е примарен: институцијата добива достоинство само кога манифестира интегритет, а граѓанинот добива доверба. Во овој контекст, Собранието останува посветено на секој механизам што ја спречува корупцијата и го подигнува институционалниот интегритет.
Иако имаме претставници од целиот регион тука, морам да нагласам дека Западниот Балкан има заедничка иднина, не затоа што делиме иста историја, туку затоа што делиме исти предизвици. Сите се соочуваме со притисок за реформи, потребата да се врати довербата во институциите, потребата стандардите за интегритет да не бидат само теорија, туку реална пракса.
Затоа форуми како денешниот се неопходни. Тука градиме партнерства, создаваме споделено знаење и градиме регион каде што стандардите за добро владеење се основа за мир, развој и европска интеграција. И кога зборуваме за европска интеграција, сакам да потсетам на еден факт што често го нагласувам: интеграцијата не се забрзува со изјави, ниту пак се попречува од нив; таа зависи од нашата искрена посветеност на реформите. Она што ЕУ го бара не е само хармонизација на законите. Таа бара хармонизација на вредностите. А вредностите не се увезуваат, туку се градат.
Не треба да се стремиме кон интеграција за да воспоставиме европски вредности, туку треба да воспоставиме европски вредности за да ја заслужиме интеграцијата. Затоа, многу е важно да разбереме дека нашите реформи не му се потребни на Брисел, туку ни се потребни нам“, рече Гаши во обраќањето.
