Гаши за средбата СДСМ-Самоопределување – „На Ахмети му пречи Албин Курти, а СДСМ има потреба од него“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, вели дека ДУИ и СДСМ не успеваат да се договорат дали партијата Самоопределување и нејзиниот претседател, Албин Курти се важни за политиката во Македонија. Вака Африм Гаши ја прокоментира средбата што се одржа во Приштина меѓу генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ и организацискиот секретар на Самоопределување, Алим Рама. Гаши вели дека за Али Ахмети, Албин Курти е добар само кога е во интерес на ДУИ.

„Навистина е конфузно. Изгледа имаат проблем со ДУИ, не можат да се договорат. На Али Ахмети му пречи Албин Курти. СДСМ има потреба од Албин Курти и Самоопределување. Мислам дека треба да ги разјаснат овие дилеми – која е улогата на Самоопределување во Македонија, позитивна или негативна. Кога ќе ги разјаснат овие дилеми, мислам дека треба да излезат во јавноста“, вели Африм Гаши.

Според Гаши, ниту лидерите од Тирана, ниту пак од Приштина, никогаш не се мешаат во тоа какви одлуки треба да донесат политичките партии во Македонија, особено сега кога Алијанса за Албанците треба да донесе важна одлука.

А од СДСМ и Самоопределување не откриваат детали дали на средбата што се одржа Приштина станало збор за актуелните политички случувања во Македонија, само информираа дека претставниците разговарале за соработката меѓу двете партии како заеднички членки на социјалдемократската платформа.

Но, од ДУИ не мислат така. Според нив, вклучувањето на Самоопределување во опозициската коалиција претставува директно мешање во внатрешните прашања на Македонија. Меѓутоа, не очекуваат било какви влијанија за изборите на 8 мај. 


„Обиди за директни поддршки и учества имало и порано од претседателскиот кандидат, кој потоа беше министер во Владата на Косово, преку учество на високи експоненти на предизборните собирања и митинзи и тоа се покажа дека политичката сцена на Албанците во Република Северна Македонија е консолидирана. И не очекувам, како што не влијаеше претходно да влијае на било кој начин и сега“, вели Бујар Османи.

Инаку, косовскиот премиер, Курти, престојуваше во Македонија и минатото лето кога присуствуваше на инаугурацијата на улицата „Адем Демачи“ во Чаир и на патот Селце-Вејце во Тетово.