Средношколците, студентите и дел од граѓаните кои веќе три месеци протестираат и бараат одговорност за смртта на 15 лица при уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, повикаа денеска на генерален штрајк.
Идејата е да се повтори 24 јануари кога десетици илјади учествуваа во блокади на патиштата, протестни собири и прекини на работа низ Србија.
„Земете слободен ден или боледување. Поканете ги колегите да ви се придружат. Не одете во кафулиња, ресторани, обложувалници. Не купувајте во супермаркети, не одете во кина, театри и не излегувајте навечер“, напишаа студентите во повикот.
Низ Србија во исто време се планирани повеќе протести. Ова е уште еден облик на притисок врз државата да ги исполни нивните барања за утврдување одговорност за трагедијата во Нови Сад, како и за нападите врз студентите на блокадите.
Во Белград попладне започнуваат собирите, а ќе протестираат и студентите од Нови Сад под мотото „секој петок – исклучок“. За време на протестот ќе одат пред 13 јавни претпријатија.
ПРотести се најавени и во Ниш, Чачак и во други градови.
