Ова премиерот Заев го изјави пред жителите на Љуботен во 2017 година во текот на изборната кампања за локалните избори. До премиерот, беше тогашниот кандидат за градоначалник на општина Бутел, Велимир Смилевски, кој со гласовите на овие жители дојде на чело на општината.
Мештаните велат дека го дале гласот за едно ветување, да имаат вода во нивните домови.
„За една година Љуботен ќе има вода за пиење. Врз основа на оваа изјава цело село се договоривме да гласаме за тој политички субјект со единствена цел во 21 век да размени гласа со вода за пиење. Иако помина четири години, централната власт, а уште малку доаѓа и вториот мандат, ситуацијата во село Љуботен се уште е драстична“, вели жител на Љуботен.
Жител на Љуботен вели дека порано се снабдувале со вода од бунарите, но сега и тие немаат вода.
„Имавме бунари но едниот веќе нема вода. Овие цистерни ги полниме со вода бидејќи бунарите се исцрпени. Реката нема вода, има многу малку вода“, вели жител на Љуботен.
Сега жителите полнат вода од чешмите на сред село. Со шишиња полнат вода за дома. Водата на село Љуботен е позната за скопјани како многу чиста вода и затоа и тие доаѓаат да полнат вода од овие чешми. Од овие две чешми, во две различни места се снабдуваат со вода за пиење над 400 куќи и тие претставуваат единствен извор со вода за мештаните.
Му се јавивме и на градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски за да го прашаме зошто не е исполнето ветувањето, но не одговори на нашите повици.
