Превозници од различни градови во земјава, со околу 20 камиони, протестираа пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Бараат професионалните возачи да се третираат поинаку од туристите, бидејќи влезот и престојот во ЕУ се дел од нивната работа. Велат дека имаат негативни искуства на границите, а некои од нив дури завршиле и во лисици, бидејќи им биле надминати деновите на престој во Шенген-зоната според правилото 90 дена во период од 180 дена. Бараат решение што ќе им овозможи послободно движење во текот на извршувањето на работата.
„Значи, бараме само да ни дадат слободни денови, за да можеме да се движиме и да ја вршиме нашата работа. Ние не одиме на одмор, туку на работа. Ние носиме стока во Македонија, за и другите да имаат со што да работат. Ако ние застанеме, ќе застане сè, целата држава.“
Какви последици може да има доколку не се најде решение?
„Ќе има последици врз економијата, како што се случува во секоја држава на Балканот – послаба економија, отпуштања од работа, сè. Камионите го одржуваат во живот целиот систем.“
Ќе има ли други протести?
„Ние, како камионџии, не најавивме дека ќе продолжиме со протести. Но по 15 септември, следниот чекор ќе биде целосна блокада на сите гранични премини. Нека видат што значат камионите во практика. Не сакаме да постигнеме ништо лошо, само сакаме да им покажеме колку се важни камионите.“
Од Министерството за транспорт велат дека ги разбираат проблемите на превозниците и додаваат дека прават се што е во нивна моќ да го решат проблемот.
„Се работи на склучување на билатерални договори со земјите членки на Шенген зоната, бидејќи сметаме дека ова е најсоодветно решение, Македонија самостојно да го реши проблемот на транспортерите. Такви договори веќе се склучија со Швајцарија, Хрватска и Романија. Интензивно работиме со Владите на Австрија, на Германија и во месец септември се очекува да се оддржи средба на високо ниво со владата на Австрија, а во месец октомври и со Словенија се со цел да се постигнат билатерални договори и со овие земји за издавање на долгорочни визи за македонските транспортери“, велат од Министерството за транспорт.
Доколку на утрешниот состанок во Брисел не биде обезбедено преодно решение за статусот на возачите, превозниците најавија дека ќе ги радикализираат протестите со блокирање на граничните премини на секоја држава одделно. Со овој проблем директно се соочуваат речиси 17.000 професионални возачи во Македонија, односно приближно 100.000 на ниво на целиот Западен Балкан.
