Глобален аларм: Топлотните бранови стануваат подолги и посмртоносни – како да се заштитите без клима-уред?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Екстремно високите температури и сè почестите топлотни бранови стануваат секојдневие ширум светот. Поради климатските промени, овие појави денес се многу почести и подолготрајни во споредба со средината на 20 век. Научните студии покажуваат дека во изминатите неколку децении, просечната фреквенција на топлотните бранови е триплирана, а „сезоната на високи температури“ се продолжила за речиси 50 дена.

Расте бројот на смртни случаи поврзани со горештините

Проценките покажуваат застрашувачки податоци: екстремните горештини секоја година предизвикуваат стотици илјади смртни случаи на глобално ниво. Според Светската метеоролошка организација (СМО), смртноста поврзана со високите температури е зголемена за околу 30% во последните 20 години.

Дел од проблемот лежи во урбанизацијата — сè повеќе луѓе живеат во градови каде што температурите се дополнително повисоки поради вишокот асфалт и бетон, а големиот дефицит на зелени површини.

Како се лади човечкото тело и кога настанува опасниот момент?

За да се заштитиме, клучно е да разбереме како функционира нашиот организам. Телото се лади преку четири главни процеси:

  1. Конвекција (пренос на топлина преку струење на воздух или вода – на пример, со вентилатор или пливање).
  2. Кондукција (директен контакт со ладен објект – на пример, држење ладен пијалок).
  3. Радијација (емитување топлина во околината).
  4. Испарување (потење)најважниот механизам за ладење.

Внимание: Телото веќе не може ефикасно да се лади кога комбинацијата од висока температура и влажност на воздухот ќе достигне критична вредност (т.н. температура на влажен термометар од околу 35°C). Во такви услови, дури и кај потполно здрави луѓе може да настане топлотен удар во рок од неколку часа, бидејќи потта не може да испарува.

Практични трикови за разладување на домот без клима-уред

Иако денес многумина имаат климатизирани простории, голем дел од граѓаните (или оние кои престојуваат во викендички) немаат таква привилегија. Еве неколку корисни сојузници во борбата со горештините:

  • Стратешко поставување на вентилаторите: Вентилаторите не мора да бидат насочени директно кон вас. Поставете ги пред отворен прозорец во текот на ноќта свртени нанадвор, за да го извлечат топлиот воздух од собата. Пред нив можете да ставите и сад со коцки мраз за ефект на „природен клима-уред“.
  • Заштита на прозорците во текот на денот: Спуштете ги ролетните и затворете ги прозорците во најтоплиот дел од денот. Најдобро штитат завесите во светла боја и од погуст материјал бидејќи ја рефлектираат сончевата светлина. Дополнително, рефлектирачките фолии за стакло се евтино и многу ефикасно решение.
  • Ноќно проветрување: Отворете ги прозорците на спротивните страни од домот за да направите промаја. Пред прозорците можете да закачите мокри чаршафи кои ќе го ладат воздухот што влегува.
  • Избегнувајте ја рерната: Наместо готвење кое дополнително го загрева домот, користете микробранова печка и консумирајте свежа храна.

Како да го заштитите телото на отворен простор?

  • Облека и шапки: Носете светла, лесна и широка облека од природни материјали (лен и памук). Главата задолжително заштитете ја со прооден шешир со широк обод во светла боја. По потреба, можете малку да ја навлежните капата со вода.
  • Паметен избор на чадор/сонсобран: Светлите чадори подобро ги рефлектираат сончевите зраци, додека темните подобро ги апсорбираат УВ зраците (но под нив воздухот може да биде потопол). Најдобро решение се двослојните чадори (светли од горе, темни од долу).
  • Преносни вентилатори и разладни марами: Денес се достапни мали вентилатори на батерии кои се носат околу вратот. Исто така, обична марама или пешкир натопени во ладна вода и ставени околу вратот, зглобовите или главата (каде што има најмногу крвни садови) веднаш ќе ја спуштат температурата на целото тело.

Ладен или млак туш?

Капењето и туширањето се одличен начин за разладување, но има една замка. Многу студената вода брзо ќе ве разлади, но само површински. Таа предизвикува стеснување на крвните садови (вазоконстрикција), што е природен одбранбен механизам на телото, па по туширањето потешко ќе се потите и побрзо ќе ви стане топло. Затоа, се препорачува туширање со млака вода, бидејќи така процесот на ладење е порамномерен и долготраен.