Има ли заинтересираност кај граѓаните за купување граѓанска обврзница? За ова во летното издание Клик плус зборуваше министерот за финансии Фатмир Бесими откако денеска во 14 часот истече рокот за аплицирање за која граѓаните кои вложија средства во обврзница ќе добијат по 5 проценти камата. Сепак Бесими рече дека во септември ќе пуштат нова зелена обврзница и ги повика граѓаните и во иднина да ги инвестираат своите пари на овој начин.
„Вчерашните податоци се околу 600 граѓани и со тоа е надминат износот од 10 милиони уште вчера некаде над 14 милиони. Фактите покажуваат дека кај граѓаните постои интерес, веќе уште пред да заврши периодот на пријавување имаше поголем интерес од тоа што го пријавивме ние првично во проспектот од 615 милиони денари. Таа што граѓаните ја препознаваат нивната можност во ова, одлична можност за нив, приносот е атрактивен инвестицијата е сигурна, безризична“, вели Фатмир Бесими.
Бесими говореше и за данокот на солидарност кој деновиве предизвика реакции во јавноста а се однесува на фирмите кои имаат остварено повисок приход. Овој предлог законот е еден од трите закони кои Владата повторно ги достави во Собранието со европско знаменце, а критики стигнаа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека овие закони нема да ги поддржат.
„Ликвидноста на компаниите е сериозно нарушена и наметнувањето на ваков данок дополнително ќе ги отежни и онака тешките и неизвесни услови во кои делуваат. Пораката што власта ја праќа до стопанството гласи – успешните ќе бидат казнети. Дополнително стопанските комори и Советот на странски инвеститори се изјаснија против ваквото ад-хок решение што создава несигурност кај инвеститорите“, вели Бојан Стојановски.
Бесими одговори, овој данок е еднократен и не е дел од даночниот систем и неговото воведување е пример во многу европски земји.
„Наместо тој износ на средства ние да го финансираме со заем од странство со повисоки камати и задолжување со ова се обезбедува и само на таа категорија што има над 10 милиони евра промет годишен и данокот се однесува на 20 посто на добивката, што е 20 посто повисока од просечната добивка во претходните 3 години и тука се опфатени дел од компаниите и мислам дека и самиот назив данок на солидарност така треба да се сфати и од бизнис заедницата“, порача Фатмир Бесими.
Министерот Бесими говореше и за сивата економија и апелираше до граѓаните да ги пријавуваат сите оние кои не издаваат фискални сметки. Иако тоа не е решение, институциите треба да си ја вршат работата, но сепак ќе придонесат во борбата со сивата економија, истакна тој.