Ѓорѓиевски изненаден од одлуката за новите автобуси: Се надевам третата постапка ќе биде успешна!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека бил изненаден од одлуката за поништување на постапката за набавка на нови автобуси, додавајќи дека се надева оти третата постапка ќе биде успешна.

Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Ѓорѓиевски посочи дека целиот процес не го води Град Скопје, туку Министерството за транспорт и врски преку Владата.

„Искрено и за мене беше изненадувачки. Јас целиот изминат период кога зборувам на оваа тема сум многу прецизен. Со рокови можам да гарантирам за сите проекти што јас ги водам и сите постапки што ги води Град Скопје. Но, ова беше постапка што не ја водеше Град Скопје“, изјави Ѓорѓиевски за ТВ21.

Тој објасни дека, според информациите што ги добил од министерот, Комисијата за жалби и поплаки по јавните набавки одлучила постапката да биде прекината, односно поништена, што ќе го одложи процесот за дополнителни 30 до 50 дена.

„Се надевам дека третата постапка ќе биде успешна, но не можам да гарантирам рокови, ниту да кажам прецизни информации, бидејќи немам детали. Министерот треба подетално да ја информира јавноста“, рече тој.

Ѓорѓиевски нагласи дека Град Скопје не ги набавува автобусите, туку ќе биде краен корисник на возилата.

„Овие автобуси ги набавува Министерството за транспорт и врски преку Владата. Целата организација и тендерската постапка ја води Министерството. Ние ќе бидеме крајни корисници на 100 автобуси за Скопје, додека уште 50 автобуси ќе бидат распределени во другите градови низ државата“, изјави градоначалникот.