Ѓорѓиевски ја презеде функцијата градоначалник на Скопје: Вети дека ќе го исчисти градот, но и нови проекти и смени во јавните претпријатија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со букет цвеќе во рака, Орце Ѓорѓиевски дојде да го „преземе новото работното место“.

Средбата меѓу новиот градоначалник и неговата претходничка, Данела Арсовска, беше студена и траеше помалку од еден час. При заминувањето, Арсовска не даде изјава за медиумите.

Ѓорѓиевски најави дека прв чекор по преземањето на функцијата ќе биде масовна акција за чистење на главниот град од отпад, која ќе започне на полноќ и ќе трае 72 часа, со миење на плоштадите и булеварите.

Ќе подготвиме ребаланс на буџетот што треба брзо да го усвоиме, вклучувајќи и нови проекти што ќе ги започнеме во Градот Скопје. Фокусот е на четири проекти кои со децении беа занемарени. Во наредниот период ќе ги деблокираме и ќе ги реализираме побрзо – врската кај ‘Момин Поток’, булеварот ‘Борис Трајковски’, како и двете мостови – еден кај Љубљанска, а другиот кај Генерал Апостол, од Аеродром кон Гази Баба, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје.

Тој најави и смени на директорите во јавните претпријатија, како и отпуштања од работа.

-Сите оние што ги злоупотребиле своите работни места, а се платени од граѓаните – особено оние за кои имам информации, а вечер ќе ги соопштам деталите, дека не оделе на работа, а земале плата, без тактизирање и без оглед на тоа од каде доаѓаат или какви се нивните политички, верски или етнички определби – ќе бидат отпуштени од работа уште денес, во голем број. Апсолутно ќе следат и кривични пријави, како и ревизија во сите јавни претпријатија и во самиот Град Скопје, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје.

Додека траеше неговата изјава, веќе почнаа да се отстрануваат малите рампи на влезот во градските канцеларии кои служат за евиденција на вработените.

За утре е најавена и средба со приватните превозници , за надминување на кризата во јавниот превоз. Ѓорѓиевски најави дека уште 60 нови автобуси ќе бидат пуштени на линиите во главниот град, со цел да не дојде до прекин на јавниот транспорт.