Од утре започнува голема реконструкција на кејот на реката Вардар, со која просторот ќе прерасне во современ спортско-рекреативен центар отворен за сите генерации, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Вечерва, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, извршивме обиколка на кејот на реката Вардар. Од утре официјално започнуваме со реконструкција на спортските терени“, изјави Ѓорѓиевски.
Според најавите, проектот предвидува изградба и целосна реконструкција на терени за фудбал, одбојка и баскет, како и поставување на модерни фитнес зони на отворено, достапни за секој граѓанин. Дополнително, со проектот се опфатени и спортските терени во населбата Маџир Маало, кои исто така ќе бидат унапредени и ставени во функција на заедницата.
„Спортот е темел на здраво општество. Тој гради дисциплина, самодоверба, заедништво и ги оддалечува младите од лоши навики. Инвестирањето во спортски терени значи инвестирање во здравјето на граѓаните, во енергијата на младите и во иднината на Скопје“, потенцира градоначалникот.
Ѓорѓиевски истакна дека ова е само почеток од визијата на Град Скопје за обезбедување на современи и достапни спортски терени во сите општини, со цел рамномерен развој и еднакви можности за активен живот на сите скопјанци.
„Огромна благодарност до министерот Борко Ристовски за силната поддршка! Скопје се движи напред. Скопје спортува. Скопје вложува во својата иднина. Најдоброто, доаѓа!“, заклучи градоначалникот.
