Албанскиот премиер Еди Рама повторно испрати повик за дијалог до студентите кои веќе десетина дена протестираат, овојпат со поинаков пристап. Пред кабинетот на премиерот во Тирана постави бетонски столчиња на кои е испишан зборот „дијалог“.
Ова е трет обид на Рама да ги повика демонстрантите на разговор преку симболични пораки. Во претходните два наврати, премиерот поставуваше црвени столчиња пред кабинетот, но тие беа искршени од страна на демонстрантите.
Во меѓувреме, за денеска е најавен голем протест пред зградата на албанскиот Парламент, каде што се одржува седница.
Безбедносните мерки во главниот град се засилени. На улиците се распоредени полициски сили, а во близина се донесени и два водени топови, во пресрет на најавениот собир.
Протестите продолжуваат, додека останува отворено прашањето дали новиот повик на Рама за дијалог ќе наиде на одговор од студентите.
