Гостивар, нема нови хоспитализирани случаи, мерките остануваат во сила – се чекаат детални анализи на водата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бројот на граѓани со стомачни тегоби во Гостивар е во опаѓање и во моментов нема нови случаи кои бараат хоспитализација. Сепак, состојбата и понатаму бара внимателност, а Министерството за здравство и надлежните институции апелираат граѓаните да продолжат да ги почитуваат заштитните мерки до завршување на сите интервенции во водоснабдителната мрежа.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, истакна дека и покрај позитивниот тренд, не смее да има опуштање. Според последните наоди од почетокот на неделата, од земените примероци биле регистрирани четири чисти и пет контаминирани контролни точки, што е јасен сигнал препораките да останат во сила.

„Астровирусот е најчест и Шигела од бактериите е најдена најчесто, не во сите наоди, меѓутоа има пациенти што ги имаат сите можни, има некој што има една значи не се идентични резултатите, како што не се идентични резултатитена чешмите. Значи има 4 чисти, пет прљави. Така да не можеме да донесеме еден генерален заклучок.“, порача Сашо Клековски.

Здравствените власти веќе ги добиле анализите од Центарот за јавно здравје – Тетово и регионалната единица во Гостивар, додека наодите од Институтот за јавно здравје сè уште се обработуваат.

Клековски најави дека сите резултати ќе бидат јавно објавени откако ќе биде направена точна споредба, со цел да се избегне дополнителна конфузија. Тој додаде дека не може да се даде точен рок кога водата повторно ќе биде безбедна за пиење.

„ Секако епидемијата се стивнува. Главниот фокус ќе биде на анализа на  што се случи, утврдување на хронологијата, извлекување поуки. Секако одговорност мора да има. Меѓутоа за мене е важно и да извлечеме поуки што е згрешено во системот, за да тие се превенираат во иднина.“, вели Сашо Клековски.

Паралелно со истрагите на терен, се вршат дополнителни лабораториски анализи во соодветните клиники. Досегашните показатели укажуваат дека е потврдено присуство на бактерии и вируси, што упатува на фекално загадување на водоснабдителната мрежа.