Готови документи заглавени во лавиринтите на МВР, поднесени 50 претставки до Народниот правобранител

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Многу лични документи кои се обработени и подготвени за доставување се заглавени во лавиринтите на МВР и не можат да се најдат, рече народниот правобранител Насер Зибери, кој истакна дека и неговиот тим оди за да му помогне на МВР за пронаоѓање на готовите документи. Зибери на брифинг со новинарите рече дека граѓаните поднеле околу 50 претставки до Народниот правобранител за лични документи. Покрај неможноста за подигање на документите, претставки има и за неможноста да се закаже термин, но и за покривање на трошоците за важечките документи.

Друг проблем што го спомна Зибери се и адолесцентите кои ќе полнат 18 години пред изборите и не можат да извадат лична карта за да излезат на гласање. Исто така, народниот правобранител се пожали дека МВР не го спроведува членот 7 од законот за лични карти каде се вели дека на лицата над 65 години треба да им се издаде лична карта на неограничено.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски во емисијата 10 Минути неодамна рече дека граѓаните имаат право да ја тужат државата за хаосот со документите и е убеден дека ќе го добијат предметот, ако не тука тогаш во Судот во Стразбур.

Инаку и новиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски вети дека ЈО ќе формира предмет за сите пријави кои ќе пристигнат до ЈО и дека нема да има никаква селекција во врска со евентуалното гонење на сторителите на кривичното дело.