Гоце Делчев сè уште причина за раздор – 119 години од неговата смрт, но нема мир помеѓу Македонците и Бугарите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поминаа 119 години од смртта на Гоце Делчев, но и денес, 1 век и две децении подоцна, неговата етничка припадност е тема на дебата меѓу Македонците и Бугарите. Меѓу некои контроверзни бугарско-македонски личности, името на Делчев е меѓу најважните. Бугарските сомнежи за македонската историја, која ја нарекуваат украдена, ја поттикнаа Софија да му ја затвори вратата на Скопје за почеток на преговорите за членство во ЕУ. И додека не се донесе одлука на кого му припаѓа Гоце, неговиот роденден и денот кога е починат и натаму се одбележуваат од двете страни на границата. Ниту Скопје, ниту Софија не пропуштаат прилика да зборуваат за историското значење на револуционерот. Претседателот на државата Стево Пендаровски и делегација од Собранието денеска,  на 119 годишнината од неговата смрт, положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје. На Фејсбук тој напиша:

„Денеска одбележуваме 119 години од смртта на македонскиот револуционер и визионер Гоце Делчев. Тој не е само апостол на македонската револуција, тој е светски хуманист со високи интернационални и космополитиски погледи. Слава му!“, вели Стево Пендаровски.

Со ист тон говореше и премиерот Димитар Ковачевски. И тој на Фејсбук напиша дека пораката на Делчев до светот како поле за културен натпревар меѓу народите, до денес нема изгубено од својата актуелност и го вбројува во редовите на светските хуманисти.

„Денеска, на денот на загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, ги чествуваме неговиот живот и дело како инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација и оддаваме почит кон неговиот историски придонес за остварување на историската идеја за правото на Македонците да го остварат вековниот сон за своја самостојна држава“, порача Димитар Ковачевски.

Точно денеска, на денот на смртта на револуционерот, во Софија се одржа конференцијата „Европската перспектива за добрососедските односи меѓу Бугарија и Северна Македонија“. Овде претседателот на Бугарија Румен Радев рече дека европската перспектива на Северна Македонија нема алтернатива.

„Убеден сум дека европската перспектива на Северна Македонија нема алтернатива. Тоа е стратешката цел не само на бугарската надворешна политика, можам да кажам и на нашата држава и општество.  Како да направиме разговорите да започнат што е можно побрзо, да дадеме одобрение за преговорите за евроинтеграција на Северна Македонија, а во исто време да се постави јасна бариера на македонизмот, да се заштитат правата на Бугарите во Македонија како и историјата , култура и идентитет“, вели Румен Радев.

Во Благоевград, Бугарија денеска беше одбележана 119-годишнината од смртта на Делчев. Пред споменикот беше положено цвеќе од претставници на политичкиот, културниот и општествениот живот на градот. Директорот на Регионалниот историски музеј Благоевград, Др. Кирил Алексиев за БТА изјави дека „Делчев е еден од најважните бугарски револуционери кој ги следи идеалите на Васил Левски, што е видливо во неговата идеологија“.

Од друга страна, ВМРО-Пловдив на главните места во градот има залепено плакати со ликот на Делчев, а попладне се одржува марш насловен како  „Гоце е Бугарин“.