Град Скопје ја прифати иницијативата, „УСЈЕ“ надвор од градот – на потег е Владата, новиот министер порачува: Нула толеранција за загадувачите

НАЈНОВИ ВЕСТИ


До доцна во ноќта, по 13-часовна седница, Советот на Град Скопје едногласно ја прифати иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“, поднесена од Зелен хуман град.

„Да заклучам дека ги донесовме заклучоците и ви честитам на успешната заедничка работа“, изјави Даме Димитровски, претседателот на Советот на Град Скопје.

„Јас сакам да ви честитам на заклучоците и да ве информирам дека откако ќе ги добиеме официјално материјалите како Град Скопје веднаш ќе бидат доставени до сите оние релевантни институции кои што се споменати“, рече Ѓорѓиевски.

Меѓу усвоените заклучоци на советниците е и тој со кој Градоначалникот треба да побара од Владата да разгледа постапка за дислокација на „Усје“ и други загадувачи надвор од скопската котлина. Сега Владата е на потег – таа треба да го разгледа начинот за започнување на постапка за дислокација.

Новиот министер за животна средина Мухамед Хоџа денеска свикал итна координација. Тој со порака- борбата против аерозагадувањето е приоритет, нула толеранција за загадувачите.

„Побарав од директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Гиновска информации во врска со надзорот на работењето на Усје, како и да се изврши надзор над работењето на сите останати правни субјекти кои поседуваат А-интегрирани дозволи за кои е надлежно министерството. Целта на ваквата постапка е заедно со вонредни инспекциски надзори да се испита состојбата на терен со обврските кои произлегуваат од поседувањето на вакви еколошки дозволи“, рече Хоџа.

Паралелно со синоќешната седницата во Град Скопје се одржа протест организиран од Здружението „Стоп за Усје“. Граѓаните преку 10 барања, меѓу кои и дислокација на цементарницата, ги блокираа булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“, и протестираа на само 100-тина метри од главниот влез на фабриката. Сметаат дека Усје е најголемиот загадувач на воздухот во Скопје.

„Без разлика што е странска компанија, странски Борд на директори, што овие како ќе си одат и ќе ни остават траг, сепак има луѓе тука што тоа го одобруваат, што Усје дали преку легални начини, дали преку поткупување, или дали преку одредени кампањи сепак се претставува дека е сосема ок организација“, велат од Здружението „Стоп за Усје“.

Од компанијата „Титан-Усје“ ги отфрлија обвинувањата дека се главен виновник за загадувањето, велат причините се на друго место. Компанијата тврди дека работи согласно најдобрите достапни техники и стандарди на ЕУ и дека е под постојан надзор на Државниот инспекторат за животна средина.

„Последниот увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина, институција која е надлежна за сите инсталации со А – Интегрирана еколошка дозвола, беше извршен на 18 декември 2025 година, при што инспекцијата повторно утврди дека нема отстапувања од законски дозволените лимити“, велат од „Титан Усје“.

Деновиве реагираше и поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска. Обвини дека Јавното обвинителство и по три години нема постапено по кривичната пријава поврзана со загадувањето што, според неа, било утврдено кај „Титан Усје“.

И додека надлежните бараат начин како да се ги заштитат скопјани од отровниот воздух, од здружението „Стоп за Усје“ најавија дека после празниците ќе ги интензивираат своите активности. Велат ова е почеток на крајот за Цементарницата.