Градинката во Теарце 5 години чека одобрение од МФ – Мемиши: Поднесовме три барања, очекуваме позитивен одговор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изградена во 2021 година, но со затворени врати и никако да се отвори – сето ова поради немање согласност за вработувања од страна на Министерството за финансии. Станува збор за градинка лоцирана во Пршовце, во општина Теарце. Градоначалникот на општина, Даут Мемиши, вели дека досега се поднесени три барања, а последното е поднесено на 17 март и се очекува министерството да го одобри.

„Досега, како институција, односно како општина, имаме поднесено три барања до Министерството за труд и социјална политика, а потоа постапката оди во Министерството за финансии. Првите две ги добивме негативни од Министерството за финансии со образложение дека во минатото не успеале да обезбедат соодветен план за вработувања. Сега последното барање го поднесовме на 17 март и сме во очекување, и мислам дека од страна на Министерството за финансии одговорот ќе биде позитивен“, изјави Даут Мемиши, градоначалник на општина Теарце.

Жителите на Пршовце велат дека градинката им е многу потребна и изразуваат оптимизам дека конечно ќе се отвори.

„Каде и да одиш во светот, градинките функционираат, кај нас не функционира власта, па не може да функционира ни градинката.

Мора да се отвори, има потреба. Овие мали деца остануваат дома, нема каде да одат, вака ќе ги остават таму и ќе одат на работа.

Секако треба да се отвори, тоа е потребно за децата. Апелирам да се отвори, да се оди напред – не само за децата, туку и жените да имаат подобри услови“, велат граѓани во анкетата.

Во оваа градинка треба да бидат згрижени околу 150 деца, додека од општината велат дека потребата е многу поголема – за повеќе од 550 деца. Градоначалникот додава дека ќе поднесат барање да се отворат и нови градинки.