Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков се обрати до канцеларијата на Државната комисија за спречување корупција за да достави документи против министерот за здравство Венко Филипче. Лефков вели дека документите што ги поседува докажуваат дека Филипче овластил фантом компанија во име на Македонија да преговара со кинеската компанија Синофарм за набавка на 200 илјади вакцини, по цена од 62.5 долари за вакцина.
За овие документи, Филипче вели дека се фалсификувани и најави дека ќе поднесе тужба против пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Лефков.
„Институциите си започнаа постапки со кои ќе се доккаже дека немално ништо спорно, ниту е направена било каква финансиска штета. Но, она што ќе остане е штетата која ја напрви ВМРО-ДПМНЕ во овој процес и сите блокади и деструкции од почеток на пандемијата. Сепак, јас нема да молчам веќе. Утре до граѓанскиот суд ќе поднесам тужба за навреда и клевета и нарушување на мојата чест и углед против Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.“, рече Филипче.
За гореспоменатата тужба Лефков вели дека би било подобро кога Филипче би бил помудар и да работи на својата одбрана, тврдејќи и уверувајќи дека документите не се фалсификувани. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека нема контакт со МНР на Кина во врска со здравството. Османи рече дека до крај на месецот се очекува да стигнат вакцините преку механизмот Ковакс.
Инаку до сега се вакцинирани 4.782 здравствени работници соопштуваат од МЗ. До сега 80.201 граѓанин аплицирале преку страната “вакцинација.мк“ и 56.821 преку матичен лекар. Северна Македонија до сега успеа да набави само 3 илјади вакцини од руската Спутник и донација од 8.200 вакцини од Србија од компанијата Фајзер.
