СДСМ обвинува за матни зделки за дата-центрите, од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат: Дали со паниката што ја шират се против сајбер-безбедноста?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ повторно се судрија со меѓусебни обвинувања, овојпат околу најавите за изградба на дата-центри и начинот на кој Владата преговара со потенцијални инвеститори.

Од СДСМ обвинуваат дека Владата, како што велат, „под радарот“ договара бизниси поврзани со стратешките ресурси на државата – водата, струјата и земјиштето.

Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција праша со кого преговара премиерот Христијан Мицкоски и на кого, како што рече, ги става на располагање ресурсите на државата.

„Мицкоски вели дека сè ќе биде транспарентно, а јавно признава дека преговара со пет-шест инвеститори. Со кого се договара Мицкоски ‘под радарот’ никој не знае. Имиња не се објавуваат“, рече Кузеска.

Од СДСМ особено ги отфрлаат тврдењата дека најавите за комерцијални дата-центри се поврзани со Реформската агенда на земјата кон Европската Унија.

Според Кузеска, националниот дата-центар наменет за чување на податоците на државните институции нема никаква врска со комерцијалните дата-центри што Владата ги разгледува во контекст на потенцијални странски инвестиции.

„Што има заедничко националниот дата-центар за чување на податоци на државните институции со комерцијалните дата-центри што Мицкоски ги договара за некој странски инвеститор, со огромна потрошувачка на струја и вода? Апсолутно ништо. Станува збор за две сосема различни работи“, рече Кузеска.

Од СДСМ обвинуваат дека Владата се обидува приватните инвестиции да ги поврзе со европската Реформска агенда, со цел, како што велат, да ги прикрие вистинските намери.

„Ресурсите на државата да ги стави во функција на приватни интереси за профити и провизии“, е ставот на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрлаат обвинувањата и велат дека СДСМ и Венко Филипче шират „паника“ околу идејата за изградба на дата-центри.

Од партијата посочуваат дека треба да се прави разлика меѓу приватните дата-центри и националниот државен дата-центар.

„Прво, Филипче и неговото актуелно раководство во СДС треба да направат разлика помеѓу приватни дата-центри и државен национален дата-центар“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека изградбата на национален дата-центар претставува обврска поврзана со Реформската агенда и патот на Северна Македонија кон Европската Унија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, земјата веќе има секундарен дата-центар во Прилеп, но потребен е и примарен центар на едно место каде што би се чувале податоците на државните институции.

„Цел на овој дата-центар е безбедност на личните податоци на граѓаните, како и безбедност на податоците од државните институции“, наведуваат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ прашува дали СДСМ е против поголема заштита на личните и државните податоци и потенцира дека сајбер-безбедноста е неопходен дел од функционирањето на современите држави.

„Вообичаено додека ВМРО-ДПМНЕ се грижи за секој еден граѓанин и за државата, СДС бара начини за остварување на интереси на поединци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Двете најголеми партии остануваат на спротивставени позиции, при што СДСМ бара поголема транспарентност околу разговорите со потенцијалните инвеститори, додека ВМРО-ДПМНЕ инсистира дека националниот дата-центар е дел од обврските кон ЕУ и е важен за безбедноста на државните и личните податоци.