Се зголемува бројот на жртви во бродоломот на патничкиот ферибот „Филоџет“ кај северниот брег на Кипар. Според последните информации, во несреќата загинале осум лица, додека 237 се спасени. Во тек е интензивна потрага по уште 18 лица кои се водат како исчезнати.
Спасувачката операција продолжила и во текот на ноќта, со ангажман на авиони, беспилотни летала, хеликоптери опремени со системи за ноќно гледање и бродови. Воздушното и морското пребарување продолжило и во раните утрински часови.
Меѓу исчезнатите, според информациите на турско-кипарските медиуми, има деца, семејства и постари лица. Како исчезнати се водат и 14-годишната Салиха Мирај Бичер и нејзиниот шестгодишен брат Мехмет Асаф Бичер.
Фериботот превезувал вкупно 267 лица – 259 патници и осум членови на екипажот. Бродот се превртел и потонал на длабочина од околу 514 метри.
„Филоџет“, кој е во приватна сопственост, испловил од Киренија околу 12:30 часот и се упатил кон турското пристаниште Ташуџу. Кратко по напуштањето на пристаништето, од засега непознати причини, бродот почнал да се полни со вода.
Откако ситуацијата станала критична, капетанот испратил повик за помош, по што била активирана спасувачка операција во која учествувале Крајбрежната стража и Пристанишната управа.
На територијата под контрола на Турција е прогласена тридневна национална жалост по трагичниот настан.
Во меѓувреме, неизвесноста за судбината на исчезнатите предизвикува сè поголем револт кај нивните семејства. Драматични сцени се регистрирани во пристаништето Киренија и пред болниците каде што се згрижени преживеаните.
Роднините на жртвите и исчезнатите се жалат на недостиг од информации од надлежните и бараат итни одговори. Напнатоста на моменти ескалирала, при што биле регистрирани и физички пресметки со полицајци.
