Како бомба од пред осум години на Зоран Заев, така пукна веста дека Сашо Мијалков се ослободува од обвинение за случајот „Таргет-Тврдина“. Предмет поради кој беше формирано Специјалното јавно обвинителство. Пукна и Тврдината, а првиот човек на тогашната УБК остана неповреден. Таргетот пак кој секоја вечер маршираше низ скопските улици, незадоволен и разочаран. Но, вицепремиерката за политики и добро владеење, сè уште гледа со оптимизам дека предметите на СЈО може да завршат ефикасно.
Некогашната специјална јавна обвинителка Ленче Ристовска, со жалење вчера рече дека за овој случај нема да има кривично-правно решение. Повторувајќи дека нема да има одговорност за незаконските прислушувања во земјава. Застарувањето на делото, според обвинителката, е директна последица од измените на кривичниот законик.
На прашањето како Европската комисија гледа на ова прашање, европскиот амбасадор Дејвид Гир рече дека ЕК изразила загриженост за импликациите што може да произлезат од принципот на неказнување што произлегува од овие измени.
Инаку, Кривичниот суд го прекина кривичното гонење за случајот „Таргет-Тврдина“, поточно за масовното следење граѓани за што беа обвинети Сашо Мијалков, Горан Груевски, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски и Васил Исаковски. Последните измени во Кривичниот законик овозможија Мијалков да биде ослободен од најголемото кривично дело за кое е обвинет, додека тројца обвинети ќе продолжат да се гонат за уништување на уредите за прислушување.
