Груби се сомнева во капацитетите на антикорупционерите – тие со контра одговор: Ова се оркестрирани притисоци и напади

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По судирите на вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, првиот вицепремиер Артан Груби „отвори фронт“ со Комисијата за спречување на корупцијата. Вториот човек на Владата упати критики до Антикорупциска, доведувајќи ги во прашање капацитетите на нејзините членови. Рече дека најголем број отворени предмети се изгубени по административни постапки во судовите или се отфрлени!

Груби во „Сител“ рече и дека се надева оти следниот состав на Комисијата ќе биде посериозен во борбата против корупцијата, бидејќи како што рече, актуелниот состав нема успех во работата. Реагираше Антикорупциската комисија која го обвини Груб за злоупотреба, но и за притисок врз нив.

Во право сте г. Груби, Антикорупциска нема капацитет да се вози во службени возила 24/7 и за приватни цели, да злоупотребува државни простории, да користи репрезентација и службени платежни картички, ниту да се расфрла со буџетски пари, но бидете уверени дека има капацитет да ги исполни своите законски обврски и надлежности и да изработи бројни иницијативи и препораки кои сеуште чекаат ред и време за да се постапи по нив. (…) ДКСК е независна институција, со надлежност да постапува по предмети за избрани и именувани функционери. Квалификациите за капацитетите на Комисијата од страна на висок функционер од Владата на РСМ за кој има отворено предмет, не е ништо друго туку вршење притисок врз работата на Комисијата, и оркестриран обид за дефокусирање на јавноста“, велат од Комисија за спречување корупција.

Од Комисијата пишуваат дека имаат капацитет да се справат со оркестрираните напади на владините функционери, споменувајќи го овде последниот случај со вицепремиерката за добро владеење која ја обвини Комисијата за непостапување во однос на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко. Во својата реакција, антикорупционерите се пофалија со позитивните оценки добиени во Извештајот на Европската комисија за случаите отворени против државни функционери.