Артан Груби веќе не е во Косово, туку во Албанија, ова во изјава за албанската телевизија „Ора њуз“ го кажа првиот вицепремиер Изет Меџити, повикувајќи се на негови информации. Меџити притоа рече дека со самото бегство Груби ја докажува својата вина, но дека еден ден ќе се соочи со правдата. Запрашан на денешниот настан во Институтот за национално и културно наследство на Албанците во земјава, Меџити не сакаше да даде повеќе детали, само рече дека тоа е работа на МВР која има соработка со Интерпол.
-Никој не е над законот и секој кој што се огрешил треба да одговара, а другото ќе оставиме на МВР и судството да си ја вршат својата работа. Се збори, но не е наша работа, мислам работа на политичарите е да дадат порака дека борбата против корупцијата е бескомпромисна и никој не е над законот, изјави првиот вицепремиер, Изет Меџити.
Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска ја обвинија опозициската СДСМ дека во времето на нивното владеење му дозволиле на Груби да краде.
-СДС се виновни зашто Груби неказнето крадеше, сите знаеја дека краде, а никој не смееше да го санкционира. Жално е да се гледа како сега СДС од петни жили се обидуваат да смислуваат сценарија, кога тие додека делеа власт се плашеа да го спомнат Груби, а не пак да го повикаат на одговорност. Иако сите знаеја за криминалот на Груби, иако и ВМРО-ДПМНЕ и медиумите ги прозиваа СДС како власт, тие не преземаа ништо, затоа што им беше единствено важно да останат на власт, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак вина гледаат во министерот Тошковски кој, како што велат го пуштил Груби да избега од државава.
Груби избега од државата пред една недела преминувајќи ја македонско-косовската граница кај преминот Блаце. Откако напиша на својот фејсбук профил дека не избегал и ќе се врати многу брзо, оттогаш му се губи секаква трага. За него но и за поранешниот директор на Државна лотарија Прпарим Бајрами се распишани потерници.
