ГТЦ не треба да остане во ваква состојба, вели градоначалникот на Град Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека е неопходно да се уреди централното градско подрачје, посочувајќи дека Градски трговски центар и недовршените фасади во центарот ја нарушуваат сликата на градот.

Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Ѓорѓиевски рече дека Град Скопје има ограничени надлежности во ГТЦ, каде, како што наведе, функционираат само пункт за плаќање сметки и градското кино.

„Останатото не е наша надлежност таму. Но, не треба да остане во ваква состојба“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека лично преферира модернистичко уредување на ГТЦ, но нагласи дека поважно е објектот да биде обновен и одржуван.

„Не разговарам за вкусови, но мене модернистичка варијанта на Градскиот трговски центар би ми одговарала. Така го гледам јас Трговскиот центар да биде оплеменет“, рече тој.

Ѓорѓиевски посочи дека за ова прашање разговарал и со премиерот, бидејќи ГТЦ е претпријатие под надлежност на Владата.

„Разговаравме и за фасадите што останаа недовршени и дека мора да се довршат. Не зборуваме за стилови, но не може во центарот на градот да стојат објекти со видливи цигли, додека илјадници туристи минуваат таму“, изјави градоначалникот.

Тој нагласи дека Град Скопје во изминатиот период работел на уредување на централното подрачје.

„Фонтаните ги ставивме во функција, го уредивме просторот околу Порта Македонија, се испраа спомениците и централното градско подрачје заличи. Но, главниот објект – Трговскиот центар, како и фасадите околу Триумфалната порта, ја нагрдуваат сликата и тие прашања мора да се решат“, изјави Ѓорѓиевски.