Савески: Обвинителствата работат ажурно, но недостигаат обвинители

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јавните обвинителства во земјава во текот на 2025 година поднеле 334 обвиненија повеќе во споредба со претходната година, покажуваат податоците од Годишниот извештај за работата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Извештајот денеска пред Советот на јавните обвинители го презентираше државниот обвинител Ненад Савески. Во него се опфатени статистичките податоци за работата на 22 основни јавни обвинителства, четири виши јавни обвинителства и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Според извештајот, во 2025 година биле евидентирани 25.615 новопријавени лица, додека од претходната година биле пренесени уште 51.474 лица. Вкупниот број предмети изнесувал 77.089.

Савески оцени дека обвинителствата работеле законито, стручно и релативно ажурно, но посочи дека и натаму сериозен проблем претставуваат недостигот на човечки ресурси и несоодветните просторни услови.

Од вкупно предвидените 261 места за јавни обвинители, во моментот се пополнети 194. Тоа значи дека не се пополнети 67 обвинителски места.

На денешната седница Советот на јавните обвинители го усвои и новиот Правилник за спроведување на интервју во постапките за избор и начинот на презентација на јавните обвинители. Со него се воспоставува формална рамка за интервјуата и презентациите на кандидатите, со цел поголема транспарентност во постапките за избор.

Советот ги усвои и записниците од 48-та и 49-та седница, а одлучуваше и по приговорот за оценувањето на јавниот обвинител Оливера Нечаковска. Таа доби позитивна оценка со максимален број бодови.