Божиновска: Македонија влегува во нов инвестициски циклус во енергетиката

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија ги зголемува инвестициите и планира нови проекти во енергетскиот сектор, со фокус на модернизација на мрежата, складирање енергија, гасификација, интерконекции и развој на обновливите извори. Можностите за соработка со австриски компании беа во фокусот на денешниот Македонско-австриски бизнис-форум за патна и енергетска инфраструктура во Скопје.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска пред претставници на австриски компании, македонскиот бизнис-сектор и институциите ги претстави стратешките приоритети на државата, како и тековните и планираните проекти во енергетиката.

Божиновска порача дека зголемувањето на производството од обновливи извори мора да биде проследено со развој на инфраструктурата што ќе овозможи произведената енергија сигурно да се прими, складира, пренесе и искористи.

„Нашата цел не е само да имаме повеќе производство од обновливи извори. Нашата цел е да изградиме модерен енергетски систем кој може сигурно да ја прими, складира, пренесе и искористи таа енергија. За тоа ни се потребни инвестиции, технологии, инженерско знаење и силни меѓународни партнери“, истакна Божиновска.

Според министерката, земјата влегува во нов инвестициски циклус во кој паралелно се развиваат производните капацитети, складирањето, преносната инфраструктура, регионалните интерконекции и пазарното поврзување.

Како еден од приоритетите таа го посочи складирањето на енергија, особено во услови на зголемен удел на сончевата и ветерната енергија во производството. Во плановите се и модернизација и дигитализација на преносната мрежа, зголемување на капацитетите за приклучување и развој на регионалните интерконекции.

Во делот на гасната инфраструктура, Македонија продолжува со процесот на гасификација и развој на регионалните врски. Божиновска ја нагласи важноста на интерконекторот со Грција, обезбедувањето пристап до нови извори и правци на снабдување, како и поврзувањето со Србија.

„Македонија работи на тоа да бидеме дел од европската енергетска инфраструктура“, порача Божиновска.

Таа посочи дека приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор создава дополнителни можности за регионална интеграција и диверзификација на снабдувањето, а со тоа и простор за компании со технологии и инженерска експертиза во оваа област.

Енергетската ефикасност е уште еден од приоритетите на Министерството, со инвестиции во енергетска обнова на јавни објекти. Во фокусот се и развојот на електромобилноста, инфраструктурата за полнење и паметните енергетски решенија.

Божиновска истакна дека австриските компании имаат искуство и технологии во повеќе области релевантни за енергетската трансформација на Македонија, меѓу кои хидроенергетиката, енергетската ефикасност, електромобилноста, дигитализацијата, инженерингот и инфраструктурата.

„Австрија има компании, технологии и искуство што нам ни се потребни. Ние имаме пазар што се трансформира, конкретни проекти и значаен инвестициски потенцијал. Верувам дека комбинацијата на овие две нешта може да создаде нови партнерства“, рече министерката.

Таа се осврна и на новиот Закон за енергетика, со кој е воведено системско планирање на новите енергетски објекти преку годишни планови. Според Божиновска, ваквиот пристап треба да обезбеди поголема предвидливост за инвеститорите, а државата навреме да ги планира потребите од мрежа, складирање и друга инфраструктура.

„За нас предвидливоста е една од најважните форми на сигурност за инвеститорите. Инвеститорот треба да знае кои се правилата, кои се условите, какви се инфраструктурните можности и како се движи постапката“, нагласи Божиновска.

Министерството, како што беше посочено, продолжува и со усогласување на законодавството со европската регулатива и со процесот на интеграција на македонскиот енергетски пазар со европскиот.

Воедно, Божиновска информираше дека проектите што се дел од процесот на праведна транзиција се јавно објавени на посебна интернет-страница, со што компаниите можат да се информираат за можностите за учество.

Денешниот бизнис-форум е организиран од Стопанската комора на Северна Македонија и Трговското одделение при Австриската амбасада – Advantage Austria. Во рамки на бизнис-мисијата во Скопје престојуваат австриски компании заинтересирани за можностите на македонскиот пазар.

Настанот следува по официјалната посета на Австрија во април годинава, кога владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, во која беше и Божиновска, разговараше со австриски институции и претставници на деловната заедница за економската соработка, енергетската сигурност и поврзувањето на двете земји.