Независноста на обвинителството и способноста на обвинителите да се спротивстават на надворешни влијанија ќе бидат меѓу клучните принципи во работењето на новата раководителка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева.
Таа порача дека притисоците се составен дел од обвинителската работа, но дека професионалниот интегритет подразбира нивно препознавање и поставување јасна граница, без страв и отстапки.
„Веројатно е природно обвинителската работа по својата суштина да трпи некакви притисоци. Наше е како обвинители да бидеме резистентни и да ставаме граница на тие притисоци. Не треба да се плашиме, притисоците се веројатно дел од човечката природа, како и интегритетот, кој сум убедена дека е дел од голем број обвинители“, изјави Хаџи Василева.
Одговарајќи на прашање за евентуални контакти и влијанија од високи државни функционери и политички претставници, таа посочи дека институционалната соработка е нормална и неопходна, но дека интервенциите во конкретни предмети се сосема друга работа.
Според неа, обвинителството е самостојно во одлучувањето и постапува врз основа на правото, фактите и доказите.
Хаџи Василева најави дека официјално ќе ја преземе функцијата шефица на ОЈО ГОКК по завршувањето на законските процедури, во период од наредните две недели. По стапувањето на должност, најавува дека приоритет ќе ѝ бидат организациските подобрувања и зголемувањето на ефикасноста во кривичниот прогон.
Таа ќе го наследи Ислам Абази, кој беше избран во 2022 година и не се кандидираше за нов мандат. По Вилма Русковска, Хаџи Василева ќе биде втората жена на чело на обвинителството надлежно за гонење организиран криминал и корупција на територијата на целата држава.
