Хамас ослободи тројца израелски заложници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Хамас денеска ослободи тројца израелски заложници – Александар Труфанов, Јаир Хорн и Сагуи Декел-Чен – предавајќи ги на работниците на Црвениот крст во Кан Јунис на југот на Појасот Газа. Заложниците најпрво излегле од возилото на Хамас, а предавањето официјално било потврдено со потпишување документи на сцената меѓу претставници на Хамас и Црвениот крст.

По завршувањето на формалностите, заложниците биле префрлени во возила на Црвениот крст, кои ги однеле кон израелската армија. Армијата ќе ги земе на друга локација во Газа, а потоа ќе ги врати во Израел, каде ќе им биде извршен медицински преглед.

Заложниците им се обратија на присутните

Пред предавањето, Александар Труфанов, Јаир Хорн и Сагуи Декел-Чен излегоа на сцената во Кан Јунис, каде што им беа врачени микрофони. Тие и се обратија на толпата што се собра за да биде сведок на нивното ослободување.

На плоштадот на заложниците во Израел преовладуваше ентузијазам кога насобраните граѓани го видоа моментот на ослободување. Додека го следеа директниот пренос на предавањето, многумина држаа фотографии од ослободените, изразувајќи олеснување и радост поради нивното враќање.

Клучниот момент на предавање

Официјалниот момент на предавање е снимен во 9:06 часот, кога претставници на Хамас и Црвениот крст ги потпишаа потребните документи. Веднаш потоа заложниците беа пренесени во израелската армија, со што заврши уште една фаза од ослободувањето во овој повеќедневен процес.

Предавањето на заложниците се случи непосредно пред истекот на рокот што Израел го постави за ослободување на заробените граѓани. Израелските власти претходно јасно ставија до знаење дека, во случај на неисполнување на договорот, повторно ќе ги интензивираат воените операции во Газа. Предавањето на тројцата заложници е дел од договорениот прекин на огнот, кој може да биде доведен во прашање доколку преостанатите заложници не бидат ослободени во договорената временска рамка.