Хаос во Париз: Стотици уапсени по насилните прослави на титулата на ПСЖ во Лигата на шампионите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе од 400 апсења по победата на Пари Сен Жермен во финалето на Лигата на шампионите на УЕФА, е епилогот од судирите меѓу фудбалските навивачи и полицијата низ Франција.

Илјадници полицајци беа распоредени за да го спречат насилството што ги наруши автобускиот, железничкиот и градскиот сообраќај во главниот град Париз.

На прославите се употребуваа огномети и сигнални ракети, а неколку полицајци беа повредени во немирите. Полицијата употреби солзавец за да ги растера насобраните луѓе во центарот на градот.

Слично насилство имаше и кога ПСЖ го освои трофејот минатата година, кога прославите завршија и со смртни случаи.

Овојпат, според министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез, властите биле подобро подготвени со „многу цврст и добро организиран систем“.

Познатата париска авенија Шанзелизе беше преплавена од навивачи кратко откако францускиот тим победи по изведувањето пенали. Снимките од градот покажуваат употреба на сигнални ракети, запалени електрични велосипеди на улиците и навивачи кои ги кршат излозите на продавници.

Претходно во текот на денот имаше судири меѓу полицијата и навивачите кои се собраа да го следат финалето на големи екрани.