И денеска долги редици граѓани пред полициската станица Пролет, кои чекаат да извадат лични документи. Освен возрасни, може да се видат и мали деца кои чекаат со часови. Граѓаните стравуваат дека ќе останат без лични документи.
Техничкиот премиер Талат Џафери во интервју за МИА рече дека има решение за ова но потребна е подобра организација.
„Околу 10 илјади граѓани дневно се со барање за лични документи, лични карти, пасоши и возачки дозволи и поради тоа не е пречка доколку во некоја зона има преголем број барања, институцијата организатор треба да одлучи од аспект да не чекаат на едно место, додека другите пунктови да бидат празни цел ден“, вели Талат Џафери.
Од МВР соопштуваат дека од утре за фотографирање за лични документи полициската станица Пролет нема да функционира без закажан термин. Ова се прави со цел да се воведе ред на хаосот и да се олесни и забрза подигањето лични документи за жителите на Скопје. Граѓаните кои веќе закажале термин ќе бидат контактирани од одговорен оператор и ќе им биде понуден нов термин за пократко време.
Од утре кај полициската станица Пролет ќе функционираат 14 кабини каде граѓаните ќе можат да се фотографираат од понеделник до сабота, додека од понеделник ќе се воведе и втора смена за фотографирање.
