Четири лица биле хоспитализирани од пожарот во фабриката за електронски отпад во Трубарево, меѓу кои лекарска помош побарал и директорот на ЦУК, Мухамед Али. Во моментов во болница останува само едно лице – жителка на Трубарево која живеела во близината на пожарот. Другите три лица се веќе на домашно лекување. Сите се надвор од животна опасност- информираше министерот за здравство Азир Алиу.
„Еден од нив е жител кој што живее во непосредна близина на пожарот. Едниот е припадник на АРМ. И едниот е директор на ЦУК, значи кој што бил таму. Еден е полицаец. Значи прво почнало со вртоглавици и кашлица и препораките од Институтот за јавно здравје беа такви ако во случај граѓаните имаат таков вид на симпроми да се јават одма на Токсикологија“, изјави Алиу.
Министерот информираше дека од вчера е формиран Кризен штаб во министерството кој следи што се случува. Дополнителни мерки за заштита на граѓаните, освен тие кои се веќе преземени за сега не се планирани, бидејќи денешните мерења на воздухот не го покажувале тоа.

„Ние имаме неколку точки во кои во реално време мериме квалитет на воздух и до сега немаме, не резултираат дека треба дополнителни мерки да имаме. Да точно е дека се чувствува миризба и никој не вели дека квалитетот на воздухот е на ниво на кое би сакале сите да биде. Работиме на тоа, Тие се процеси кои бараат повеќе време. Но од другата страна не траба да се подигне алармот на ниво непотребно, бидејќи бројките не ни покажуваат такво нешто“, рече Алиу.
Нема радиоактивност во воздухот, по пожарот во Трубарево, потврди и директорката на Институтот за јавно здравје.
„Според нашите анализи и сознанија, во моментов нема никакво, ниту минимално отстапување од норамалните параметри, што се однесува за радиоактивност во воздухот“, рече Марија Андоновска.
Дека мерењата денеска не биле алармантни кажа и премиерот.
„Последните мерења што ги прави и Армијата и Институтот за јавно здравје велат дека немаме вонредно големо загадување. Односно ако вчера беше на мерна единица меѓу 8 и 9, сега е помеѓу 5 и 6. Повторно имаме, но не е вонредно големо тоа загадување. Зборувам во периметар околу 100 метара околу местото каде што се случи овој пожар“, вели Мицкоски.

Ниту еден жител на Трубарево не побарал евакуација во Центарот за обука на МВР во Идризово. Премиерот вели – требало да ги слушаат препораките. Секој еден кој живее во близина на пожарот во овие ден- два ќе бидат згрижени и евакуирани, рече Мицкоски.
