Хрватскиот модел ги разбранува партиите – Адеми: Ова е сериозен процес, ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во работната група

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на повикот до власта во процесот на измените на Уставот да се примени хрватскиот модел кој е единствениот начин со кој би се согласиле да го прифатат и кој според оваа партија е добро решение. Со овој модел Македонија ќе биде држава на еден народ и на малцинствата во неа, вели портпаролката на најголемата опозициска партија Марија Митева. Таа не одговори дали со тоа што имаат предлог за уставните измени прифаќаат да бидат дел од работната група која треба да работи на подготовката на амандманите.

„Ги повикуваме СДСМ и ДУИ како самопрогласени европјани, како политички субјекти кои се залагаат за европски фронт да ги прифатат измените на Уставот по примерот на земја членка на Европската унија. Со овој модел Македонија ќе биде држава на еден народ и малцинствата во неа. Нека кажат дали прифаќаат предвремени избори и дали се согласни на хрватскиот предлог. И да повторам, понудата за промена на Уставот по хрватскиот модел значи дека Македонија де факто ќе биде национална држава и на хартија и во пракса а не како досега граѓанска држава на хартија а федерална во пракса.“, рече Митева.

Досега премиерот Ковачевски се нема изјаснето за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ Уставот да се менува по хрватски модел, но од СДСМ ја повикаа партијата на Мицкоски своите предлози да ги даде во работната група за уставните измени. Со ист став е и ДУИ. Координаторот на пратеничката група Арбр Адеми очекува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи на работната група за уставните измени и таму ќе го достави предлогот.

„Сите сериозни политички партии, сериозно треба да се однесуваат, сериозен пристап треба да имаат виз-а-ви овие случувања и клучни моменти за државата и за иднината на оваа држава и општество. Така што очекувам дека и ВМРО-ДПМНЕ како сериозна политичка партија кон работната група. Очекувам дека се што имаат ВМРО-ДПМНЕ и не само ВМРО-ДПМНЕ сите политички партии да ги изнесат на таа работна група и така да дојдеме до најдобрите решенија“, изјави Адеми.

Но од останатите партиите на Албанците главно не се согласуваат со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. Алијанса за Албанците оценува дека решението што го нудат е апсолутно непознавање на реалноста.

„Времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија заврши еднаш засекогаш и нема враќање во такво време. Македонците се 54%, а Албанците 30% и заедно не го сочинуваат процентот на Хрвати во Хрватска кои се над 90%. Поставувањето на Албанците во нивниот предлог како национално малцинство уште еднаш покажува дека нивниот менталитет е вратен со децении наназад и тоа е за жалење.“, велат од Алијанса за Албанците.

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е ретрограден сметаат од Алтернатива и според нив највисокиот правен акт на државата треба да се редефинира.

„Нашиот предлог бил Македонија да се дефинира како држава на македонската нација, албанската нација и другите етнички заедници“`. За да биде креативна во оваа тема, Алтернатива, има и друг предлог, тоа е Северна Македонија да се дефинира во својата преамбула како „држава на нејзините граѓани“, отстранувајќи ги сите етнички атрибути од градењето на државата.“, велат од Алтернатива.

Инаку, се најавува дека наскоро ќе се формира работната група која треба да работи на подготовка на амандманите на уставните измени. Покрај партиите предвидено е во неа да учествуваат и професори и експерти по уставно право.