Хрватскиот претседател Милановиќ од утре во дводневна посета на Косово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ ќе допатува утре, 23 декември, во дводневна официјална посета на Косово, каде што ќе се сретне со челниците на косовската држава, како и со претставници на КФОР и со хрватскиот контингент во рамките на таа мисија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според агендата на посетата, Милановиќ ќе биде пречекан со државни почести од неговата косовска колешка, Вјоса Османи, по што двајцата претседатели ќе имаат тет-а-тет средба, а подоцна ќе се одржи и церемонија на садење на дрва на пријателството во дворот на Собранието на Косово.

Во текот на првиот ден на посетата хрватскиот претседател ќе се сретне и со претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца и со премиерот Албин Курти.

Милановиќ утре ќе го посети и местото Јањево, каде што живеат мнозинството припадници на хрватското малцинство во Косово, при што во локалната католичка црква „Свети Никола“ ќе се сретне и со челниците и припадници на истоимената организација.

За в петок, 24 декември, е предвидена средба на Милановиќ со командантот на силите на НАТО во Косово, КФОР, генерал-мајорот Ференц Кајари и посета на кампот „Вилаѓо Италиа“ во Пеќ, каде што е сместен хрватскиот контингент во рамките на мисијата.

Минатата недела, на 17 декември, во официјална посета на Косово престојуваше и хрватскиот министер за одбрана, Марио Баножиќ, кој со државни почести беше пречекан од неговиот домаќин, косовскиот министер за одбрана, Арменд Мехај. Баножиќ исто така го посети Јањево и се сретна со командантот на КФОР и со хрватските војници во рамки на мисијата на НАТО.