„И до стипендии ли ви дојде?“ – Студентите на протест поради доцнењето на стипендиите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„И до стипендиите ли ви дојде?“, „Сакаме бесплатни студии“, беа само дел од транспарентите на студентите кои денеска излегоа на протест пред Министерството за образование и наука поради доцнење на стипендиите.

Но, додека тие беа на протест, од Влада информираа дека стипендиите се веќе исплатени. Студентите велат дека МОН ги занемарило, бидејќи, како што додаваат, токму на денот на протестот им ги исплаќа стипендиите, а тоа требало да го прави секој месец. Меѓу другото побараа инвестиции во студентските домови, бидејќи, како што се жалат, функционираат во бедни услови.

„Министерот го чекаше последниот ден кога виде дека голем број студенти протестираат. Мислеше дека со исплата последен ден студентите ќе се смират и нема да протестираат“, порача Бленди Ходаи.

„Што се однесува до тоа што ни го направи Министерството за образование до денес, речиси 3 месеци ни доцни исплатата на стипендијата на нас студентите. Има и друго. Се однесува на студентскиот оброк кој не се исплаќа. Самиот министер го потврди тоа и вети дека ќе го исплаќа еднаш неделно, односно дека ќе пушта средства секоја недела. Меѓутоа, и понатаму продолжува старата форма на надоместок, кој е смешен по 140 денари на ден“, порача Арбнор Малиќи.

Ресорниот министер, Јетон Шаќири изјави дека со новиот буџет за 2024 година се исплатени стипендиите за претходните месеци. Во однос на реновирањето на студентските, рече дека ќе достават барање до општина Центар со цел добивање правосилна одлука за градење.

„Кога го потпишавме договорот со Владата за студентските домови, на мое барање по потпишувањето на договорот, имавме редовна комуникација на средбата на која имаше повеќе претставници од различни универзитети…се разговараше за исплатата на стипендиите, кои студентите ги добија денеска. Во тој период јас како министер им ги објаснив сите законски рокови како треба да заврши исплатата. Она што го кажав на таа средба, можете да го потврдите кај претседателот на собранието на УКИМ е дека претходните стипендии ќе бидат исплатени во најбрз можен рок, на крајот на јануари и почетокот на февруари“, вели Јетон Шаќири.

Организатор на протестот е Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, со поддршка на студенти од универзитетите „Мајка Тереза“, „Гоце Делчев“, „ФОН“, „Американски колеџ“. На протестот му се приклучи и неформалната организација „Студентски отпор“.