И Македонија во досиејата на Епштајн: Мозоци од земјава користени во истражувања во САД

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија се споменува во шокантни мејлови на осудениот починат американски милионер и сексуален престапник Џефри Епштајн. Во еден од објавените меилови се содржани наводи дека човечки мозоци од починати лица од Македонија биле замрзнувани и транспортирани во САД за научно-истражувачки цели. Во еден од цитираните мејлови се наведува дека процесот бил олеснет од член на факултетот на Универзитетот Колумбија, кој бил по потекло од Македонија. Тој помогнал во организацијата на целата постапка.

„Ги зеле примероците и мозоците, најпрво на Универзитетот во Питсбург, а потоа, во 1994 година, во Колумбија. Досега имаат собрано колекција од околу 1.000 човечки мозоци — некои од жртви на самоубиство, други контролни мозоци — уредно складирани во замрзнувачи на -112°F (Фаренхајтови степени). Малата балканска земја Македонија придонесува за најновите мозоци, благодарение на член на факултетот на Колумбија кој потекнува од таму и помогнал во организацијата“, стои во мејлот, испратен до Епштајн од лице чие име е целосно цензурирано.

Мејлот е комбиниран со објава и анализа од „Блумберг“, што дополнително укажува на обидот проектот да се прикаже како сериозна научна и за бизнис можност за компанија која би го комерцијализирала потенцијалниот лек. Истражувањето, во кое се спомнува Македонија, е објавено под наслов „Лек стар 50 години што би можел да ја реши американската криза со самоубиствата“ и се однесува на научни истражувања за самоубиствата и употребата на кетамин.

„Македонските мозоци се замрзнуваат веднаш по нивното отстранување и се транспортираат во сандаци, под надзор, околу 4.700 милји, за да завршат во црни кутии со големина на кутија за чевли, обележани со QR-кодови. Внатре се наоѓаат исечени делови од розево ткиво во пластични кеси, означени со маркери: десна страна, лева страна, датум на собирање“, стои во мејлот.

Овој меил се најде во повеќе од 3 милиони документи, што американското Министерство за правда ги објави на 30 јануари како дел од случајот „Епштајн“. Мејлот не е директно поврзан со сексуалниот скандал на Епштајн, но е дел од документите извадени од неговите преписки.
Иако во пораката не се наведуваат имиња на институции или поединци од Македонија, самото споменување на земјата во ваков контекст отвора сериозни прашања за начинот на прибирање, користење и изнесување на човечки биолошки материјал, како и за етичките и правните аспекти на ваквите истражувања.