И натаму алармантна состојбата со пожарите – и денеска огнената стихија пустоши по пехчевско-делчевскиот реон

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Пожарите во пехчевско-делчевскиот регион кој е проширен и кон беровско и натаму е еден од најкритичните . Таму за гасењето на огромниот пожар се уште дејствуваат авиони бидејќи загрозени се неколку села а огнот се префрла и кон планинските сртови на планината Голак. Борбата со огнената стихија дополнително може да се искомплицира поради ветрот од 70 километри на час, кој за денеска се најавува.

„Активен е пожарот се уше во Делчево и тој е третиран заедно со Пехчево како еден од најголемите пожари на кои што треба исклучително да им се посвети внимание во текот на денов. Следниот пожар е во беровско, село Умлена, се работи за пожар кој што е составен дел на пехчевскиот и делчевскиот пожар и во прашање се селото Мачево и Робово“, истакна Горан Стојковски.

Гори и во Богословец во светиниколско и штипско, потоа во Прилепски реон, каде има неколку пожари кои се уште се активни, но се под контрола и таму се испратени дополнителни сили на Армијата.  Состојбата во кумановско и натаму е критична. Вчера таму имало 8 активни пожари, од кои 7 биле изгасени но се уште е ризично во Бељаковце. 

„Испратени се 80 луѓе од Армијата на Република Македонија за помош и поддршка на територијалните пожарни единици на Куманово. Тука се вклучени од јавните претпријатија секако очекуваме и овој пожар да биде ставен под контрола.  Општина Ранковце и Општина Крива Паланка село Гуринци и тука имаме активен пожар веќе два дена трае“, посочи Горан Стојковски.

За гасење на огнената стихија и денеска ќе бидат вклучени и хеликоптерите и тоа еден во Кумановско и уште три во пехчевско-делчевскиот реон, но доколку дојде до влошување на временските услови тие ќе бидат повлечени. Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов ќе бара ЕВН да преземат се што е потребно за да не доаѓа до искрење на некои од електричните кабли, за кои се претпоставува дека се и еден од причинителите на некои од пожарите.

„Во кумановскиот регион имаме сведоци кои што виделе искрење на жици и пожарот во Богословец е запален од искрење на жици. Имаме очевидец, кој што кога паднале искрите веднаш се стрчал кон местото, но едноставно бил немоќен, затоа што пожарот се шири со многу голема брзина поради сувата вегетација и ветриштата кои што постојано дуваат“, вели Стојанче Ангелов.

Во однос на тоа дали има и како тече евакуација на граѓани во критичните места, Ангелов рече дека тоа се остава како последно и само кога пожарот ќе дојде до куќите. А, во борбата со пожарите кои беснеат во земјава, голема помош пристигнува и од други земји. Прв пристигна тимот од Србија со 4 хеликоптери, потоа од Бугарија со 25 пожарникари и 6 специјализирани возила, од Словенија со 45 пожарникари и 11 противпожарни и транспортни возила кои се целосно опремени. Вчера пристигнал и дел од австрискиот тим, а во текот на овој ден треба да пристигнат уште 140 пожарникари, 16 противпожарни возила, 24 камиони, како и медицински тим.