Иако претходно најавија дека ќе организираат протест пред Влада со поставување шатори, професионалните војници оставија уште една недела рок за да се исполнат нивните барања. Велат ова денеска е само предупредувачки протест, но доколку не се исполнат барањата за нивно институционално префрлање по наполнување на 45 години, најавуваат радикализација.
„Веќе три години за дел од припадниците нема решение. Синдикатот континуирано имаше средби со претставници од неколку институции за решавање, но тие не вродија плод. На последната средба што ја имавме со министерот за внатрешни работи каде што буквално рекоа дека не сакаат и нема да ги примат припадниците на Армијата во Гранична полиција. Во законот за служба во Армијата има неколку делови каде што се нудат како решение како на пример отпремнина, префрлување во друга институција“, вели Аднан Алити.
Професионалните војници не се задоволни и од нивните плати, велат дека голем дел се префрлаат на места каде земаат минимална што ги прави социјални случаи.
„Сега со покачување на минималната плата им се покачи платата но тука е погазен уставот каде што за истите лица за некого е најдено решение и се однесени дали во Затворска полиција, во Пожарна или се поставени како цивилни лица каде се со поголеми месечни приходи, а дел од припадниците работат за минимална плата каде што ние фактички од војник ги правиме социјални случаи“, додава Аднан Алити.
Вчера претставници на Синдикатот на професионалните војници биле на средба со министерката за одбрана Славјанка Петровска во која е договорено да има измени на законот за служба во Армијата. Од Министерството за одбрана ја поздравија одлуката на синдикатот да го одложат протестот.
„Имено, новите измени на законот предвидуваат предлози кои значајно ќе ги подобрат правата на нашите припадници, како што се усогласување со минималната плата, а тоа значи линеарно зголемување на платите. Во однос на отпремнината како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, е да биде во износ од 1000 евра за секоја година помината во Армијата. Ќе се разгледа можноста професионалните војници со навршени 45 години да бидат преземени од институции доколку во системските решенија се отвори таква можност“, велат од Министерството за одбрана.
До крајот на годинава околу 200 професионални војници ќе бидат со наполнети 45 години што според законот ќе треба или да добијат отпремнина или да се најде можност за префрлање во одредени институции.
