„И трпението има граница, премногу се одолговлекува“ – Случај „Алфа“, се одолговлекува барањето за повторно судење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кривичен суд сè уште не одлучи за барањето за повторно судење на предметот „Алфа“ иако во барањето има и нови докази од форензичното вештачење. Од судот велат дека предметот сè уште не е вратен од Апелација, за да се донесе одлука.

„Последното доставено барање за повторување на постапката се уште не е одлучено со оглед да Кривичниот предмет за кој се бара повторување е доставен на надлежно постапување на Апелациониот суд Скопје, а веднаш штом предметот биде вратен во првостепениот суд, советот ќе одлучува“, велат од Кривичен суд.

Од Апелација информираат дека на 7 октомври ќе се одржи јавната седница за предметот. Адвокатката Артене Исеини, вели дека основниот предмет е во Апелација, а за да одлучи Кривичен суд за евентуално повторување на судењето, предметот физички треба да се врати во Кривичен. Додава дека предметите како случајот „Алфа“ се итни, а одлуката требаше да се донесе што поскоро.

„Одлуката на Кривичен совет за повторување на судската постапка за случајот „Алфа“ е многу одложена и нема никакво оправдување во правна основа и законските рокови. Постојано сум во контакт, но нема конкретен одговор. Овие барања имаат итна природа и требало да се одлучи што поскоро“, посочи Артене Исеини.

Рамиз Даути, роднина на осуден во случајот „Алфа“ вели дека очекуваат наскоро да се донесе одлука, додавајќи дека доста трпеле и дека премногу се одлоговлекува постапката.

„Судот до 15 август беше на одмор, значи тоа е една од причините која ни беше кажана индиректно, но не официјално. Другата причина можеби е негрижата, можеби случајот не е многу важен за нив, случај кој е многу важен бидејќи невини луѓе 13 години се во затвор. Сметам дека овој случај треба да биде примарен а не да се одолговлекува толку многу“, вели Рамиз Даути.

Даути се надева дека овој пат случајот нема да се политизира, бидејќи се работи за чувствителен случај, посебно за албанска страна. Во јуни оваа година, одбраната до Кривичниот суд го достави вештачењето спроведено во странство, во кое се наведува дека Реџаил Ќерими од кумановското село Опаје и Агим Ислами од Скопје се невини и се осудени врз незаконски и монтирани докази.

Случајот „Алфа“ произлезе откако на 26 ноември 2008 година, на паркингот на Математичко -природниот факултет во Скопје, животот го загуби албанскиот полицаец од единицата Алфа, а двајца негови македонски колеги со кои бил на патрола беа повредени. Во април 2010 година, Реџаил Ќерими и Агим Ислами беа осудени на доживотен затвор.